Скопје нема потреба од чалам — туку од градоначалник што знае да работи

На Скопје му е доста од приказни и соништа. Му треба некој што ќе ги среди основните функции на градот.

Новиот градоначалник на Скопје е веќе познат. Но изборот е само почеток — вистинскиот тест допрва следи: градот е запуштен, јавните претпријатија се во делумна кома, а за некоја визија за плански развој на Скопје не станува ни збор. Потребно е итно да се средат основните функции на градот.

Во „Трн“ нема да аплаудираме на ветувања. Ќе го следиме секој потег, секој проект и секое ветување што ќе се претвори (или нема да се претвори) во реалност.

Што ќе бараме?

• Чисти улици, празни контејнери, нула диви депонии, можност скопјани лесно и ефтино да се ослободуваат од шутот и кабастиот отпад.
• Реформиран и модерен јавен превоз, со пристапни цени, линии кои имаат смисла и возен ред кој се почитува до минута; пешачки и велосипедски стази кои не се узурпирани од паркирани автомобили.
• Почист воздух, зголемен опсег на централно греење и казни за загадувачите.
• Генерален урбанистички план кој ќе овозможи хуман развој на градот — од интерес за граѓаните, а не за бизнисите.
• Рационално користење на водата и заштита на изворите од кои се снабдува градот; атмосферска и фекална канализација која нема да се поплавува на секој поголем дожд и пречистителни станици кои ќе го штитат Вардар.
• Градски културни политики со кои Скопје ќе биде дел од најдобрите европски и светски културни практики.

Нема да аплаудираме на малограѓанштина и популизам. Нема да замижуваме пред пракси кои го делат Скопје и скопјани и создаваат етнички и социјални гета во градот.
И најмногу од сè — нема да престанеме да потсетуваме дека Скопје не е ничиј личен трофеј.

Исто како што секој градоначалник ветува дека ќе работи за граѓаните, ние ветуваме дека нема да престанеме да прашуваме:
Како? Кога? И колку добро?

Овој текст е редакциски став на „Трн“. Ниту аплауз, ниту молк — само внимателно следење и барање отчетност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс