Фудбалската федерација на Македонија најави дисциплинска постапка против екипата на Шкендија Арачиново по сериозен инцидент во судиската соблекувална по завршувањето на прволигашкиот дуел против Струга Трим Лум во 10. коло од домашниот шампионат. Според записникот на службените лица, претставници на клубот упатувале навреди и притисоци кон арбитрите поради досуден пенал и исклучување во првото полувреме. Од Арачиново веднаш возвратија со остро соопштение во кое тврдат дека судењето директно крои резултати и упатија директни обвинувања кон раководството на федерацијата.
Натпреварот меѓу Шкендија Арачиново и актуелниот шампион Струга Трим Лум заврши со гостинска победа од 0:2, но клучниот момент се случи во 24. минута. По прекршок врз гостинскиот напаѓач со број девет, главниот судија првично дозволи играта да продолжи, но по препорака од ВАР собата направи преглед на снимката покрај теренот.
Одлуката беше преиначена во казнен удар за гостите и директен црвен картон за домашниот дефанзивец со број три поради спречување очигледна позиција за погодок. Од куќата на фудбалот соопштија дека протоколот бил целосно испочитуван и дека одлуката е стручно исправна, што подоцна беше потврдено и од Судиската организација.
По завршувањето на средбата, според официјалниот делегатски записник, претставници на домашниот тим и лица без службена функција влегле во просториите на арбитрите. ФФМ настанот го оквалификува како директен напад врз безбедноста и интегритетот на службените лица на натпреварот.
„Домашната екипа ФК Шкендија Арачиново, по втор пат и на ист начин, неосновано и субјективно, преку претставниците на екипата и неслужбени лица, влегле во судиската соблекувална и неспортски, навредливо и вулгарно упатувале навреди кон судиите и официјални лица“, соопштија од федерацијата, најавувајќи пријава и до надлежните државни органи.
Клубот од Арачиново веднаш реагираше со отворено писмо насловено „Непочитувана Федерацијо на сè друго, само не на фудбалот!“, во кое ги отфрли наводите за еднострана вина. Од таму прашуваат зошто првиот човек на клубот бил евидентиран како неслужбено лице и тврдат дека главниот арбитар недолично му се обратил на капитенот.
„Дали требаше да премолчиме, да наведнеме глава и да не реагираме, иако нашиот капитен беше навредуван на најпрост можен начин од главниот судија? Нашата спортска моќ никако не може да се измери во лига во која судиите најдиректно влијаат врз резултатите од натпреварите“, порачаа од клубот.
Во соопштението Шкендија изнесе и тврдење за постар настан по дуелот со Вардар, барајќи одговорност и јавно објавување на снимките од безбедносните камери на стадионот, пред комесарите да донесат конечна одлука за суспензија на нивниот терен.
