Скапите марки не се гаранција: Како да изберете вистински соодветни очила за сонце

Што треба да пишува на етикетата за да бидете сигурни дека вашите очила за сонце имаат вистинска UV-заштита

Очилата за сонце треба да ги штитат очи очите од ултравиолетово зрачење исто како што кремот за сончање ја штити кожата. Главниот критериум при купувањето не е темнината на стаклата или цената, туку потврдената заштита од штетните зраци. Според Светската здравствена организација, заштитата е потребна и при облачно време и во сенка, бидејќи UV-зрачењето се одбива од површини како вода, песок, асфалт и снег.

Очите можат да добијат изгореници од сонце

Интензивната изложеност на UV-зраци може да доведе до фотокератитис. Тоа е болно воспаление на рожницата кое дејствува како изгореница од сонце на окото. Симптомите вклучуваат болка, црвенило, солзење, чувствителност на светлина и привремено заматен вид. СЗО наведува дека оваа состојба е главно реверзибилна, но може да бара медицинска помош.

Долготрајното изложување без заштита носи поголеми ризици. Повтореното UV-зрачење се поврзува со:

  • Појава на катаракта
  • Птеригиум (израсток на површината на окото)
  • Карциноми во и околу окото
  • Можен зголемен ризик од макуларна дегенерација поврзана со возраста

Проценките на СЗО покажуваат дека околу 10 проценти од случаите на слепило предизвикано од катаракта се поврзани со изложеност на ултравиолетово зрачење.

Според Националниот институт за очи на САД, евтините очила за сонце нудат иста UV-заштита како скапите доколку ја имаат ознаката UV400 или 99-100% UVA/UVB заштита

Сенката и облаците не го блокираат целосно зрачењето

Облачното време не ги штити очите во целост бидејќи UV-индексот останува висок и кога сонцето е скриено. Рефлектирачките површини го зголемуваат нивото на зрачење, па светлината стигнува до очите и под чадор. Националниот институт за очи на САД препорачува модели кои добро прилегаат на лицето за да го ограничат влегувањето на светлина од страничните, горните и долните агли.

Ознаката UV400 е единствениот сигурен доказ

Најважниот детал на кој треба да внимавате при изборот е присуството на една од двете ознаки:

  • UV400
  • 99 до 100 проценти UVA и UVB заштита

Ознаката UV400 потврдува дека стаклата ги блокираат сите зраци со бранова должина до 400 нанометри. Темните стакла, брендот и високата цена не гарантираат заштита самa по себе. Според Националниот институт за очи на САД, и поевтините очила овозможуваат соодветна заштита ако ги поседуваат овие стандардизирани ознаки.

Поларизираните стакла го намалуваат отсјајот од патиштата, водата и снегот, што го прави гледањето поудобно, но самата поларизација не претставува UV-заштита. Доколку на рамките нема јасна ознака, оптичарите можат да ја проверат заштитата на стаклата со посебен мерен уред.

е-Трн да боцка во твојот инбокс