Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ побара итна, независна и темелна истрага по информациите што деновиве се појавија во јавноста, според кои бели волци од Зоолошката градина во Скопје избегале од своето живеалиште и усмртиле четири кенгури и неколку птици ему.
Според неофицијалните информации објавени во медиумите, волците наводно успеале да ископаат дупка под оградата на своето живеалиште, по што се движеле низ дел од зоолошката градина и нападнале други животни. Наводно, на вработените им биле потребни неколку часа за да ги лоцираат и вратат назад. Од „Анима мунди“ бараат раководството на ЗОО Скопје јавно да се произнесе за случајот и да ги соопшти сите релевантни информации.
„Како е можно волци со денови или недели да копаат дупка без тоа да биде забележано? Како е можно во објект во кој се чуваат диви и потенцијално опасни животни да нема соодветен надзор и безбедносни протоколи?“, прашуваат од здружението.
Оттаму предупредуваат дека доколку овие наводи се покажат како точни, станува збор за сериозен безбедносен пропуст кој отвора прашања не само за благосостојбата на животните, туку и за безбедноста на посетителите и вработените. Здружението бара целосно утврдување на фактите, идентификување на евентуалните пропусти и преземање одговорност од сите инволвирани лица доколку се утврди негрижа или непрофесионално постапување.
Дополнително, „Анима мунди“ повика на привремен мораториум за набавка, размножување и внесување нови животни во Зоолошката градина, сè додека не се обезбедат соодветни услови за згрижување и безбедност. Од здружението сметаат дека е неопходна суштинска реформа на установата и отворање поширока дебата за иднината на зоолошките градини и условите во кои се чуваат животните.
Засега од ЗОО Скопје нема официјална потврда ниту демант за информациите што се појавија во јавноста.