Скандал на СП: Египетскиот селектор покажа забранет знак и го обвини судијата за „кражба“

По драматичниот пораз од Аргентина (3:2), селекторот на Египет, Хосам Хасан, покажа специјален ФИФА-сигнал за расизам и жестоко го нападна судијата, тврдејќи дека неговата репрезентација била оштетена.
EPA/BENJAMIN FANJOY

Драматичната победа на Аргентина над Египет со 3:2 во осминафиналето на Светското првенство предизвика бурни реакции, а во центарот на вниманието се најде селекторот на Египет, Хосам Хасан. Откако Аргентина направи неверојатен пресврт од 0:2 до 3:2, Египќаните жестоко протестираа поради судењето, убедени дека непосредно пред победничкиот гол на Енцо Фернандез требало да им биде досуден пенал по старт врз Мохамед Салах.

Во судиското продолжение Хасан доби жолт картон поради протестите, но уште поголемо внимание привлече со гестот што го направи покрај аут-линијата – ги прекрсти рацете во форма на буквата „Х“. Станува збор за официјален сигнал што ФИФА го воведе минатата сезона, преку кој играчите и членовите на стручниот штаб можат да пријават расистички или дискриминаторски навреди, вклучително и навреди на верска основа. По ваков сигнал, судијата има право да процени дали ќе ја прекине средбата.

Сепак, францускиот судија Франсоа Летексије не реагираше на гестот, туку му покажа жолт картон на египетскиот селектор поради протестите. По натпреварот, Хасан повторно го критикуваше судењето, оценувајќи дека неговата репрезентација била сериозно оштетена.

„Не видовме ниту почит, ниту фер игра. Не ни беше досуден чист пенал, ВАР воопшто не ја провери ситуацијата, а нашиот втор гол беше поништен од необјасниви причини. Сите го видовме влечењето за дрес. Кон нас не се постапуваше праведно и ова беше голема неправда“, изјави египетскиот селектор.

Тој откри дека по последниот свиреж имал и вербален судир со Летексије.

„Му реков дека ова не е праведно. Му кажав дека можеби крие нешто, а кога некој се обидува да сокрие нешто, најчесто не успева. По ова, нема да гледам ниту еден натпревар од ова Светско првенство“, додаде Хасан.

Аргентина со спектакуларниот пресврт обезбеди место во четвртфиналето, каде што ќе се соочи со Швајцарија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс