Сериозни неправилности во високото образование се откриени на Филозофски факултет Скопје, каде десетина студенти биле незаконски запишани на магистерски и докторски студии, иако не ги исполнувале законските услови.
Случајот го утврдил Државен просветен инспекторат, кој донел решенија за поништување на спорните уписи.
Деканот Оливер Бакрески информира дека се работи за 7 до 8 студенти со претходно завршени тригодишни студии и едногодишни магистерски програми, што не било доволно за запишување на повисок циклус.
„Моравме да ги испишеме студентите, но средствата ќе им бидат вратени. Дел од нив веќе ги добија уплатените пари“, рече Бакрески, додавајќи дека контролата била иницирана од самата институција.
Поништувањето на уписите ги става студентите во сложена правна и финансиска ситуација. Трошоците за магистерски студии достигнуваат до 3.000 евра, додека докторските можат да чинат и до 6.000 евра. Дел од засегнатите веќе ангажирале адвокати и најавуваат судски постапки.
Случајот отвори сомнежи дека слични нерегуларности можеби постојат и на други факултети, додека надлежните институции најавуваат засилени контроли и инсистирање на строго почитување на законските критериуми во високото образование.