Францускиот истражувачки новинар Ромен Молина објави резултати од повеќемесечна истрага во која изнесува сериозни обвинувања за корупција, перење пари и прикривање на случаи на сексуална злоупотреба во Аргентинскиот фудбалски сојуз (AFA), при што тврди дека во дел од случаите била вмешана и ФИФА.
Според наводите на Молина, раководството на АФА со години прикривало скандали, додека милионски суми наводно биле пренасочувани кон приватни сметки преку мрежа од компании.
Обвинувања за сексуална злоупотреба
Еден од најсериозните случаи во истрагата се однесува на Диего Гвачи, селектор на женските младински репрезентации на Аргентина (до 16 и до 17 години). Според Молина, Гвачи со години психички и сексуално злоупотребувал млади фудбалерки, барајќи интимни фотографии и упатувајќи им закани.
Во истрагата се тврди дека Аргентинскиот фудбалски сојуз бил запознаен со обвинувањата, но не презел мерки. Наводно, кога играчките преку својот синдикат се обратиле до Етичкиот комитет на ФИФА барајќи анонимност, случајот бил затворен поради „недостаток на докази“.
Молина дополнително тврди дека идентитетите на жртвите биле откриени, по што дел од нивните кариери биле сериозно нарушени, додека тренерот останал на функцијата.
Наводи за перење пари преку комерцијални права
Истрагата содржи и сериозни финансиски обвинувања. Според Молина, само девет дена пред Аргентина да ја освои светската титула во 2022 година, АФА ги префрлила ексклузивните меѓународни комерцијални права на компанијата Tour Prenter, регистрирана во Мајами.
Новинарот тврди дека компанијата била основана само неколку месеци претходно од аргентински политичар без претходно искуство во фудбалот, а договорот ѝ гарантирал провизија од 30 проценти од приходите на репрезентацијата.
Според истрагата, средствата од наградниот фонд за освоеното Светско првенство, како и дел од спонзорските приходи, наместо директно во касата на АФА, биле префрлани на сметки на компанијата во САД, а потоа преку мрежа од компании регистрирани во американските сојузни држави Делавер и Вајоминг и во даночни оази.
Молина тврди дека дел од средствата биле искористени за купување луксузни недвижности во Мајами, приватни авиони, јахти и за инвестиции, меѓу кои и купување на италијанскиот клуб Перуџа.
Наводи за притисоци врз новинарите
Во истрагата се наведува дека новинари кои се обиделе да ги истражуваат овие случаи биле изложени на закани, онлајн вознемирување и одземање на акредитации за следење натпревари, а некои, според Молина, биле принудени да користат лично обезбедување.
До моментот на објавување на овие информации, Аргентинскиот фудбалски сојуз (АФА) и ФИФА не излегоа со официјален одговор на обвинувањата изнесени во истрагата на Ромен Молина. Обвинувањата во моментов претставуваат наводи од новинарска истрага и не се потврдени со судска постапка или официјални наоди од надлежните институции.