Сите сакаат во ниската орбита околу Земјата, но никој не ја контролира: Се заканува нова вселенска криза

Повеќе од 14.000 сателити веќе кружат околу Земјата, а нивниот број брзо расте. Научниците предупредуваат дека без глобални правила ниската Земјина орбита може да стане пренатрупана и опасна за интернетот, навигацијата и науката.
Фото: НАСА

Ниската Земјина орбита, просторот до околу 2.000 километри над површината на планетата, стана едно од најбараните подрачја во модерната технологија. Во неа се сместени сателити од кои зависат интернетот, GPS навигацијата, временските прогнози, следењето на климатските промени, управувањето со кризи и воените системи.

Но, додека бројот на сателити расте со невидена брзина, глобално не постои институција што управува со овој ограничен ресурс.

Во орбитата околу Земјата веќе се движат повеќе од 14.000 активни сателити, а владите и приватните компании планираат лансирање на уште десетици илјади нови објекти за комуникации, набљудување, интернет услуги и идни вселенски центри за податоци.

Зошто сите ја сакаат ниската орбита?

Ниската Земјина орбита е особено привлечна затоа што овозможува: побрза комуникација со помало доцнење на сигналот ,поевтино поставување и одржување на сателити, подобар квалитет на интернет услугите, поефикасно снимање на Земјата и следење на временските услови. Токму затоа компании и држави се натпреваруваат да постават свои „соѕвездија“ од илјадници сателити.

Но, експертите предупредуваат дека орбитата не е бесконечен простор.

Ризик од вселенски отпад и судири

Проблемот повеќе не е само можноста за судир меѓу сателити. Научниците предупредуваат на зголемување на вселенскиот отпад, намалување на природната способност на атмосферата да ги исчисти нефункционалните објекти и нарушување на научните набљудувања.

Секој неактивен сателит или дел од оштетен објект може да стане опасен проектил што се движи со огромна брзина. Колку повеќе објекти има во орбитата, толку е поголема можноста за верижни судири – сценарио познато како Кеслеров синдром, при кое вселенскиот отпад создава услови орбитата да стане тешко употреблива.

Астрономите предупредуваат: Ноќното небо се менува

Истражување на Европската јужна опсерваторија (ESO) анализирало како големите сателитски констелации влијаат врз копнената астрономија. Научниците предупредуваат дека планираните проекти би можеле да додадат повеќе од 1,7 милиони нови сателити во орбитата.

Според ESO, за современата астрономија да остане функционална, бројот на сателити со мала осветленост не би требало да надмине околу 100.000 објекти. Ако сателитите се доволно светли за да се гледаат со голо око, безбедниот број би требало да биде уште помал.

Проблемот е што рефлектираната сончева светлина од сателитите создава светли линии на телескопските снимки и може да ги уништи научните податоци.

Нови закани од климатските промени

Студија на Масачусетскиот институт за технологија (MIT) од 2025 година предупредува дека климатските промени можат дополнително да го намалат капацитетот на ниската Земјина орбита. Причината е промената на горната атмосфера, особено термосферата, слојот каде што работат голем број сателити.

Со зголемување на концентрацијата на стакленички гасови, атмосферата се лади и се собира, што го намалува отпорот кој нормално им помага на нефункционалните сателити и отпадот да паднат назад кон Земјата.

Тоа значи дека остатоците можат подолго да останат во орбитата. Според симулациите на MIT, до 2100 година капацитетот на некои популарни области во ниската орбита би можел да се намали за 50 до 66 проценти во споредба со сценарио без зголемени емисии.

Кој ја контролира вселенската гужва?

И покрај огромното значење на сателитите за современиот живот, не постои глобално тело кое одлучува колку сателити може да бидат поставени, колку светли смеат да бидат,како компаниите треба да го намалат ризикот кој е одговорен за отпадот во орбитата.

Националните регулатори, како американската Федерална комисија за комуникации (FCC), можат да одобруваат или одбиваат проекти, но последиците од тие одлуки се глобални. Еден сателитски систем лансиран од една компанија може да влијае врз научниците, конкурентите и екосистемите низ целиот свет.

Вселената станува ограничен ресурс

Ниската Земјина орбита постепено станува нов заеднички ресурс, слично како океаните или атмосферата. Експертите предупредуваат дека без меѓународни правила за ограничување на бројот на сателити, контрола на отпадот, намалување на светлосното загадување и планирање на капацитетите, човештвото може да ја загрози инфраструктурата од која веќе зависи секојдневниот живот.

Вселенската трка можеби носи нови можности, но без глобална координација може да создаде проблем што ќе биде многу потешко да се реши – пренатрупана и небезбедна орбита околу Земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс