Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) соопшти дека поднел претставка до Меѓународната организација на трудот (МОТ), откако, како што наведуваат, биле исцрпени сите можности за мирно решавање на спорот околу Колективниот договор за култура.
Од СКРМ велат дека претставката е поднесена поради постапката пред Уставниот суд за укинување на Колективниот договор, а истовремено побарале и медијација од МОТ со надеж дека спорот ќе се реши без дополнително продлабочување.
„Повеќе од една година Министерството за култура не најде за потребно да седне на преговарачка маса со синдикатите и да се обидеме заеднички да најдеме решение. Наместо тоа, СКРМ беше принуден да поднесе околу 800 тужби против институциите“, наведуваат од синдикатот.
Според нив, по разговорите со претставници на МОТ им било препорачано жалбата да ја достават до Комитетот за слобода на здружување, при што ова е втора претставка од Македонија пред ова тело. Од СКРМ тврдат дека од надлежните во МОТ неофицијално добиле оценки дека вакви обиди за заобиколување на колективното договарање ретко се среќаваат.
„Според нивните неофицијални изјави, ваков вид обиди не сретнале ниту во земји како Индија, Бангладеш или Виетнам“, стои во соопштението.
Синдикатот предупредува дека доколку Уставниот суд го укине Колективниот договор, тоа би можело да има последици и врз меѓународниот углед на државата.
„Македонија би можела да стане втората држава во Европа што укинала колективен договор и да го добие епитетот рушител на колективното договарање“, велат од СКРМ.
Во соопштението се наведува и дека, по интервенција на премиерот Христијан Мицкоски, Министерството за култура и туризам повторно седнало на преговарачка маса со СКРМ и СОНК, но синдикатот смета дека досегашниот тек на разговорите не покажува доволна подготвеност за заемно прифатливо решение. Од СКРМ порачуваат дека остануваат посветени на преговорите, но нема да прифатат, како што велат, ултиматуми и ќе продолжат да се борат за заштита на работничките права и колективното договарање.