Верските заедници во Македонија остро го осудија обидот за палење на синагогата „Бет Јаков“ во Скопје и повикаа на заедништво и почит.
Верските лидери во Македонија го осудија инцидентот со објектот на Еврејската заедница и повикаа на одговорност, разум и доблест за да се зачува соживотот. Според нив, обидот за палење на синагогата „Бет Јаков“ во Скопје претставува директен удар врз мирот, стабилноста и вредностите врз кои се темели општеството.
„Секое посегнување по туѓа светиња, без оглед на тоа на која верска заедница ѝ припаѓа, претставува нарушување на основните вредности на почит, слобода и човечко достоинство“, изјави директорката на Комисијата, Оливера Трајковска.
Инцидентот се случил во раните утрински часови на 12 април. Во духот на меѓурелигиска соработка и заемно разбирање, верските лидери упатија апел до граѓаните да покажат одговорност и да останат чувари на соживотот.
„Заемната почит е една од највисоките вредности што ги поседуваме и треба да ја зачуваме како аманет за идните поколенија“, додаде Трајковска.
На прес-конференцијата присуствуваа поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, скопскиот бискуп Киро Стојанов, поглаварот на Исламската верска заедница Шаќир Фетаху, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, како и претставници на Евангелско-методистичката црква.
Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, нагласи дека реакцијата е истовремено осуда и порака за поддршка, потсетувајќи дека во Македонија постои долгогодишна традиција на дијалог и доверба меѓу верските заедници.
„Ова е преседан каков што не се случил од 1943 година, кога 7.144 македонски Евреи беа депортирани во Треблинка. Во Македонија никогаш не била запалена синагога. Се надевам дека нема да дозволиме надворешните конфликти да се прелеат кај нас“, рече Леви.