Симона Јованоска се враќа со раскази: „Ништо нормално” излегува од печат

Дваесетина приказни за малиот човек, неговите маски и страв од нормалното – книга број 244 во едицијата ПРОаЗА на Или-Или

Денес од печат излегува „Ништо нормално”, новата збирка раскази на Симона Јованоска во издание на Или-Или. По два романа и книга за деца, авторката се враќа на жанрот со кој го започна своето литературно патување – и со кој, според критиката, е најсилна.

Дваесетина раскази, безбројни лица

„Ништо нормално” е збирка во која фокусот е ставен на малиот човек – неговите желби, стравови и несигурности. Уредничката и авторка на порталот за книжевност БЛЕН, Наташа Атанасова, книгата ја опишува како „специјална влезница за качување на волшебен килим” кој истовремено нуди панорамски поглед на човековите маски и преобразби, но и микроскопски увид во она што нè боли – и како поединци, и како општество.

Расказите, вешто изградени преку упечатливи ликови и ситуации, повторно и повторно го испитуваат значењето на еден навидум едноставен збор: нормално.

Авторката

Симона Јованоска е родена во 1985 година во Гостивар. Дипломирала маркетинг на Економскиот факултет во Скопје. Дебитирала во 2015 со збирката раскази „Ги најдов во длабокото” кај истиот издавач.

Романот „Денот на црвот” (Или-Или, 2021) е прогласен за Роман на годината од Фондацијата „Славко Јаневски” и преведен на бугарски, српски и хрватски. Во 2022 ја објавува детската книга „Градот Вабу и потрагата на Нави”, а во 2024 го издава вториот роман „Леска Брезоска”. Добитничка е на две награди на конкурсот на „Нова Македонија” – втора за расказот „Последниот кат” (2019) и прва за „Кажи му на кучето” (2022).

„Ништо нормално” е книга број 244 во популарната едиција ПРОаЗА, со дизајн на корицата на Соња Станковска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни