Еден месец откако жителите на Пчиња и околните села ја прекинаа шестдневната блокада, кумановската депонија „Краста“ повторно тивко го прима комуналниот смет. Пожарот е затрупан со земја, но проблемот што ја предизвика кризата и понатаму е присутен: депонија без дозвола, без алтернатива и без датум за затворање.
Депонијата „Краста“ функционира од 1958 година и зафаќа околу 12,5 хектари. На неа завршува отпадот од град со повеќе од 100.000 жители. Иако постои речиси седум децении, никогаш не добила статус на легална депонија. „Краста“ се користи врз основа на одлука на Општина Куманово, но нема дозвола за депонирање од Министерството за животна средина и просторно планирање. Според податоците на Министерството, законски дозволи за депонирање имаат само три депонии во државата: „Дрисла“ и депониите во Гевгелија и Гостивар. Тоа значи дека „Краста“ е само еден пример за проблем со кој се соочуваат речиси сите општини.
Пожарот што ја предизвика кризата не беше изненадување. На почетокот на јуни на депонијата избувна пожар, кој се гаснеше со затрупување на отпадот со земја, но чадењето продолжи со месеци. На 28 септември, по средбата со жителите на Пчиња, Винце и Студена Бара, Општина Куманово призна дека се потребни дополнителна механизација и човечки ресурси за справување со состојбата. Според жителите, претходно добиле ветување дека најдоцна до 2 октомври ќе биде обезбедена дополнителна механизација за гаснење на пожарот, но тоа не се случило.
Така, на 6 октомври, жителите на селата Пчиња, Студена Бара, Вакаф и околните населени места ја блокираа депонијата, револтирани поради пожарот и чадот што, според нивните тврдења, траеле веќе шест месеци. Камионите на комуналното претпријатие беа запрени, а сметот почна да се натрупува низ градот. Како привремено решение, комуналниот отпад од Куманово се транспортираше до скопската депонија „Дрисла“, бидејќи Општина Куманово нема друга локација на својата територија на која законски може да се одлага комуналниот отпад.
Блокадата заврши на 12 октомври, откако со интервенција на тешка механизација од приватни компании, општини и општествено одговорни субјекти пожарот беше изгаснат, а отпадот затрупан со земја. Тогаш беа ветени поставување видеокамери, зајакнување на физичкото обезбедување и поставување ограда, како и формирање еко-патроли составени од жители на селата Пчиња, Студена Бара, Вакаф и Винце, кои ќе вршат неделен мониторинг. Градоначалникот вети и конечно затворање на депонијата и нејзина трансформација во трансфер-станица. Сепак, јавноста засега нема добиено информации за конкретни рокови за спроведување на ниту една од овие мерки.
Трајното решение постои на хартија веќе со години. Европската Унија веќе има обезбедено околу 40 милиони евра за изградба на регионалната депонија во Свети Николе. Проблемот е што тендерот за изградба не може да биде распишан без целосно формирање на регионалното претпријатие, што е услов поставен од Европската Унија. Додека општините не постигнат договор, жителите на Пчиња остануваат со ветувањата, а Куманово со депонија на која опасноста од нов пожар не е трајно отстранета.
