Јунајтед ерлајнс им забрани на AI-агентите да резервираат авионски билети во име на патниците

Американската авиокомпанија ја ограничува употребата на вештачка интелигенција при купување билети, повикувајќи се на безбедносни ризици, можни несакани трансакции и кршење на федералните прописи. Други авиопревозници, пак, веќе ги отвораат своите услуги за корисниците на AI-алатки.

Американската авиокомпанија „Јунајтед ерлајнс“ воведува ограничувања за користењето агенти со вештачка интелигенција при резервирање авионски билети. Компанијата соопшти дека неовластени AI-алатки од трети страни нема да смеат да резервираат летови во име на патниците, наведувајќи ги како причина безбедносните ризици и можноста за прекршување на федералните прописи.

Одлуката доаѓа во време кога сè повеќе корисници им доверуваат задачи на AI-агентите – од пребарување производи и споредување цени до купување и резервирање услуги.

Страв од несакани купувања и злоупотреба на лични податоци

За да резервира авионски билет, AI-агентот обично треба да има пристап до личните податоци на корисникот, а понекогаш и до информациите за плаќање и профилите во програмите за лојалност.

Во „Јунајтед ерлајнс“ предупредуваат дека споделувањето податоци за пристап со надворешни AI-асистенти може да ги изложи чувствителните информации на ризик. Дополнително, автоматизираните алатки би можеле да направат несакани купувања, да променат податоци во корисничката сметка или да потрошат наградни милји без патникот да има целосна контрола врз процесот.

Компанијата посочува и на можни проблеми со законските правила. На пример, при пријавување за лет, патниците мора лично да потврдат дека нивниот багаж не содржи забранети предмети или материи. Автоматизираното дејствување на AI-агент би можело да го заобиколи ваквото барање.

Поради тоа, „Јунајтед“ најави дека ќе го ограничува пристапот на неовластените AI-асистенти и преку сопствените дигитални платформи и преку посредници, како туристички агенции и пребарувачи на летови. Компанијата ги ажурира и условите за резервација и издавање билети.

Авиокомпаниите сакаат да ја задржат контролата врз резервациите

Одлуката покажува дека „Јунајтед“ сака да ја задржи контролата врз начинот на кој патниците ги пребаруваат и купуваат билетите, оценува воздухопловниот аналитичар Хенри Хартевелд од „Атмосфер рисрч груп“.

Според него, авиокомпанијата не сака да добие уште еден моќен посредник покрај постојните пребарувачи, платформите за споредување цени и интернет-туристичките агенции.

Хартевелд посочува дека пребарувањето летови создава трошоци за авиокомпаниите, па масовното користење на AI-ботови би можело дополнително да ги зголеми. Со новата политика, „Јунајтед“ се обидува да го ограничи тој товар и да спречи надворешни алатки да управуваат со резервациите.

Сепак, патниците и понатаму ќе можат да ги пребаруваат летовите на компанијата преку платформи како „Кајак“, „Хопер“ и „Гугл флајтс“.

Други авиокомпании избираат поинаков пристап

Не сите авиопревозници се одлучуваат за ограничувања. „Саутвест ерлајнс“, на пример, ги направи своите понуди за летови достапни за корисниците на Чет-ГПТ, кои преку AI-апликацијата можат да пристапат до интернет-страницата на авиокомпанијата.


Различните пристапи покажуваат дека воздухопловната индустрија сè уште бара начин да се справи со брзото ширење на AI-агентите. Додека едни компании гледаат можност за полесно пребарување и купување билети, други стравуваат од губење контрола врз резервациите, безбедноста на податоците и дополнителните трошоци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс