Симон Трпчески со пет биса го освои Токио: 20 години по јапонското деби повторно воодушеви три престижни сцени

Македонскиот пијанист настапи со Токискиот метрополитен симфониски оркестар и маестро Казуши Оно, а на рециталот во „Јамаха“ концертната сала публиката го врати дури петпати на бис


Три концерти, три престижни сцени и вкупно пет враќања на бис на последната концертна вечер – Симон Трпчески повторно ја освои токиската публика, токму 20 години по своето деби во Јапонија.

Македонскиот пијанист од светски глас на 3, 4 и 5 септември настапи во Токио, каде што со Токискиот метрополитен симфониски оркестар и под диригентската палка на маестро Казуши Оно го одбележа јубилејот од својот прв настап во Земјата на изгрејсонцето.

Рахмањинов во „Токио Метрополитен театар“ и „Сантори сала“

Трпчески со оркестарот го изведе монументалниот и технички исклучително предизвикувачки Трет концерт за пијано и оркестар од Сергеј Рахмањинов. Двата оркестарски концерта се одржаа пред полни сали. Меѓу нив беше и прочуената „Сантори сала“, една од најпознатите концертни сали во Токио, која беше целосно распродадена.

Публиката по концертите двапати го враќаше македонскиот пијанист на бис.

„Почестен сум од полните Токио Метрополитен театар и Сантори салата, една од најпознатите концертни сали во светот што беше распродадена“, изјави Трпчески за Македонското радио по завршувањето на концертната серија.

Пет биса на последната вечер

Третата вечер беше резервирана за рецитал во престижната „Јамаха“ концертна сала, каде што Трпчески изведе дела од Чајковски, Бетовен, Равел и Прокофјев. Реакцијата на публиката беше уште посилна – пијанистот беше повикан на бис дури петпати.

Трпчески возврати со неколку свои обработки на познати јапонски песни, но и со македонско дело – верзијата на „Не си го продавај Кољо чифликот“ од Димитрије Бужаровски. Тој ја посвети изведбата на жртвите од земјотресите, потсетувајќи на јапонската експертиза и помошта што земјата ја дала на Македонија по разорниот земјотрес во Скопје.

Според Трпчески, токму ваквите моменти се дел од посебната врска меѓу двете земји. „Сè уште сум под импресии од искреноста, топлината и воодушевувањето со кои повторно бев прегрнат од публиката“, рече тој.

Од Токио во Загреб

Богатата концертна програма на Трпчески продолжува и по јапонската турнеја. Следната дестинација е Загреб, каде што пијанистот ќе го прослави својот роденден со отворањето на новата концертна сезона на Загрепската филхармонија. На концертот ќе го изведе Првиот концерт за пијано и оркестар од Рахмањинов, под диригентската палка на полскиот диригент Давид Рунц, шеф-диригент на оркестарот.

По европските настапи, како и концертите во Охрид и Битола, Трпчески со новите настапи продолжува да ја гради својата меѓународна концертна приказна и да го претставува македонското музичко творештво на големите светски сцени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс