Силно невреме вчера го зафати селото Дебреште, при што падна интензивен град со големина на орев, предизвикувајќи сериозни штети врз земјоделските насади. Според сведоштвата на жителите и фотографиите од теренот, за кратко време земјоделските површини биле прекриени со град. Невремето ги оштетило насадите, градините и дворовите во селото.
Жителите велат дека градот паѓал со голем интензитет и дека дел од земјоделските култури биле уништени токму пред бербата, што дополнително ја зголемува загриженоста кај земјоделците. Засега нема официјална проценка на вкупната материјална штета. Се очекува надлежните служби да излезат на терен и да ја утврдат состојбата и обемот на штетите.
Невремето повторно потсетува на ризикот од силни локални нестабилности во овој период, особено за земјоделските региони.