Најмалку три лица загинаа, а повеќе од 15 се повредени во силна експлозија што утрово го потресе центарот на Москва. Според руската државна новинска агенција ТАСС, експлозијата се случила во близина на летно кафуле на плоштадот Кудрински. Дел од руските медиуми, пак, јавуваат дека бројот на повредени достигнал 21 лице.
По инцидентот, сообраќајот во областа е привремено запрен, а на местото на настанот се распоредени припадници на Министерството за внатрешни работи, истражители и екипи на итните служби, кои вршат увид.
Засега причината за експлозијата не е официјално утврдена. Руската државна телевизија објави дека една од можните причини е детонација на плинска боца, но оваа информација сè уште не е потврдена од надлежните институции.
Истрагата е во тек, а властите најавија дека дополнителни информации ќе бидат објавени по завршувањето на првичниот увид.