Силен земјотрес во Јапонија: Предупредување за цунами до 3 метри, проверки во Фукушима

Земјотрес со јачина од 7,5 степени го погоди североисточниот дел на Јапонија. Издадено е предупредување за цунами до 3 метри, а властите вршат проверки во нуклеарните централи.

Силен земјотрес со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала го погоди североисточниот брег на Јапонија, по што властите издадоа предупредување за цунами и наредија евакуација на населението во погодените подрачја. Според Јапонската метеоролошка агенција, се очекуваат бранови високи до три метри кои може да го погодат пацифичкиот брег, особено префектурите Ивате, Аомори и островот Хокаидо. Првите бранови веќе пристигнаа, при што највисокиот досега измерен изнесува 80 сантиметри во Ивате, но властите предупредуваат дека поголем бран може да следи по првиот удар.

Јапонската премиерка Санае Такаичи ги повика граѓаните веднаш да се повлечат на повисоки места, нагласувајќи дека веќе има потврдени човечки и материјални штети и дека е формирана итна работна група за справување со кризата. Потресот бил почувствуван и во Токио, иако епицентарот бил во морето, на околу 100 километри од регионот Санрику, на длабочина од 10 километри.

Властите веднаш започнаа проверки на нуклеарните централи, при што засега нема пријавени неправилности во постројките во Аомори и Мијаги, ниту во Фукушима Даини, додека контролите продолжуваат во Фукушима Даичи, местото на катастрофата од 2011 година. Се проверува и централата Онагава, додека надлежните институции внимателно ја следат состојбата.

Настанот повторно ги отвори сеќавањата на катастрофата во Јапонија 2011, кога силен земјотрес и цунами однесоа повеќе од 22.000 животи и предизвикаа нуклеарна криза во Фукушима. Јапонските власти предупредуваат дека постои ризик од нови потреси, свлечишта и дополнителни бранови, поради што апелираат на максимална претпазливост додека ситуацијата и понатаму се развива.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни