Шведскиот парламент гласаше против социјалдемократката Андерсон да формира влада

Обидот на Андерсон да предводи еднопартиска малцинска влада не ја доби потребната поддршка од парламентот на Шведска

Шведскиот парламент ја отфрли кандидатурата на лидер­ката на Социјалдемократите, Магдалена Андерсон, за премиерка, продолжувајќи ја политичката неизвесност повеќе од еден месец по парламентарните избори.

За нејзиниот избор гласаа 99 пратеници, против беа 248, а двајца отсуствуваа. Поддршка доби само од сопствената партија, додека против гласаа и партиите од блокот што победи на изборите.

Четирите партии од левиот центар на изборите на 13 септември освоија 176 пратенички места, наспроти 173 за десниот блок на досегашниот премиер Улф Кристерсон. Но, тесното мнозинство не се преточи во договор за нова влада.

Иако сите четири партии ја посочуваат Андерсон како свој избор за премиерка, меѓу нив остануваат разликите околу тоа кои партии треба да влезат во владата. Нејзиниот обид да предводи еднопартиска малцинска влада не ја доби потребната поддршка.

Една од главните пречки е односот меѓу Партијата на центарот и Левата партија. Центристите не сакаат да бидат дел од влада со Левата партија, што го отежнува составувањето кабинет во рамките на победничкиот блок.

Претседателот на парламентот, Андреас Норлен, сега треба да продолжи со консултациите и да предложи кандидат за следното гласање.

Според шведските правила, кандидатот за премиер е одбиен доколку против него гласаат најмалку 175 од вкупно 349 пратеници. Дозволени се најмногу четири неуспешни предлози, по што мора да се одржат вонредни избори во рок од три месеци.


До изборот на нов кабинет, земјата ја води преодната влада на Кристерсон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс