Шумски пожари беснеат на Сицилија: Испратени канадери и хеликоптери за гасење на огнената стихија

Големи шумски пожари избувнаа во околината на Палермо, Сицилија. Во гасењето учествуваат пожарникари, цивилна заштита, хеликоптери и авиони „Канадер“.

Неколку големи шумски пожари избувнаа во околината на Палермо, на италијанскиот остров Сицилија, поради што се активирани големи воздушни и копнени операции за нивно ставање под контрола. Пожари се пријавени во повеќе области од поширокиот регион на Палермо, меѓу кои Монтеелепре, Рокапалумба, Кастроново ди Сицилија и Прици, соопшти италијанската новинска агенција АНСА.

Во областа Сагана кај Монтеелепре, огнот кој избувнал претходниот ден сè уште е активен. Во Рокапалумба, пожарите зафатиле околу 30 хектари во подрачјата Ина Каса, Тимпи и Борго Манганаро. Во борбата против огнената стихија се вклучени авиони „Канадер“ и хеликоптери, заедно со пожарникари, шумарски служби и екипи на цивилната заштита.

Итните служби со часови интервенираат и во подрачјата Филичи кај Кастроново ди Сицилија и во близина на крстосницата Манганаро во Прици. Властите продолжуваат со следење на состојбата, додека високите температури и сувото време го отежнуваат гасењето и го зголемуваат ризикот од ширење на пожарите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс