Нов штрајк во Франција: јавниот сектор бара повисоки плати, Владата се повикува на празната каса

Вработените во францускиот јавен сектор денеска штрајкуваат и протестираат за повисоки плати, по неуспешните разговори со Владата. Незадоволството се засилува додека премиерот Себастиен Лекорну се обидува да обезбеди усвојување на буџетот за 2027 година
Фото: EPA/MOHAMMED BADRA

Синдикатите бараат општо зголемување на платите и мерки против падот на куповната моќ. Според нивните проценки, вработените во јавните служби изгубиле околу 16 проценти од куповната моќ од 2017 година, а сè повеќе од нив примаат плати блиски до минималната.

Владата најави осум дополнителни индексни поени за најниско платените јавни службеници и порано зголемување на минималната плата, од 1 декември. Но, во предлог-буџетот не предвидува општо зголемување на платите, четврта година по ред, повикувајќи се на високиот дефицит и државниот долг.

Синдикатот ЦФДТ оценува дека понудените мерки не се доволни за да ги надоместат загубите на вработените. По разговорите со министерот за јавна служба и со премиерот, синдикатот ја обвини Владата дека не обезбедува доволно буџетски средства за вистински напредок во преговорите.

Повикот за мобилизација ги опфаќа вработените во државната администрација, локалните јавни служби и јавните болници. Покрај повисоки примања, ЦФДТ бара преговори за платните скали и задолжителни годишни преговори за платите во јавниот сектор.


Денешните протести се дел од поширокиот бран незадоволство што започна во средината на септември поради условите во образованието, а потоа се прошири и на трошоците за живот и растот на цените на горивата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс