Спасувачите ги евакуирале морнарите од спасувачки сплав. Бугарското Министерство за транспорт потврди дека операцијата е завршена, откако сите членови на екипажот биле извлечени на безбедно. Во акцијата учествувале воздухопловните сили, граничната полиција и итната медицинска помош.
Бродот, кој пловел под либериско знаме, потонал на околу 50 наутички милји источно од бугарскиот град Бјала. Превезувал околу 3.400 тони течен нафтен гас.
Танкерот исчезнал од радарите набргу по полноќ, а утрово во 8:02 часот по локално време се активирал неговиот уред за испраќање сигнал за опасност. Во потрагата биле вклучени два авиона Су-25, а по забележувањето сплав со луѓе бил испратен хеликоптер „Кугар“.
Екипажот го сочинувале 19 филипински државјани. Танкерот пловел од Александрија, Египет, кон романското пристаниште Мидија.
Ова е второ потонување на трговски брод во близина на бугарскиот брег за два дена. Во понеделникот потона товарниот брод „Бетул 8“, кој пловеше под сомалиско знаме. Во таа спасувачка акција беа извлечени сите 12 членови на екипажот.
Причината за потонувањето на „Гас хаски“ се истражува. Засега нема официјално потврдена причина, иако во дел од извештаите се споменува можен напад со дронови.
