Од претприемништво и локална креативна сцена до архитектура, одржливост и DIY дизајн: викенд-програмата на Skopje Design Week 2026

Шест разговори и предавања во Public Room на 21 и 22 ноември отвораат прашања за иднината на креативните индустрии, сопственото претприемништво, архитектурата и новите пристапи кон дизајнот.

Како се претвора една креативна идеја во одржлив бизнис? Какви услови ѝ се потребни на локалната уметничка сцена за да се развива? Како архитектурата може да го зачува минатото на материјалите и да создава можности за нивна повторна употреба? И дали секојдневните, самостојно осмислени решенија можат да понудат поинаква иднина за дизајнот и производството?

Ова се дел од прашањата што ќе ја обележат викенд-програмата на Skopje Design Week 2026, која на 21 и 22 ноември во Public Room носи шест програмски содржини – две панел-дискусии и четири предавања во рамките на EDU TALKS. Преку разговори со домашни креативци, претприемачи и експерти, како и средби со меѓународни гости, програмата отвора простор за размена на искуства, критичко размислување и нови перспективи за развојот на дизајнот и креативната култура.

Саботниот едукативен и изложбен дел почнува во 11 часот, по што разговорниот дел од програмата продолжува во 13:30 часот со панел-дискусијата „Од визија до реалност – предизвиците на сопственото претприемништво“, посветена на можностите и пречките со кои се соочуваат оние што одлучуваат да започнат сопствен бизнис. Разговорот ќе ги опфати патот од идеја до одржлив бизнис, финансиската писменост и пристапот до финансиска поддршка, како и улогата на институциите и банкарскиот сектор во развојот на малите и креативните бизниси.

На панелот ќе учествуваат Стефанија Атанасовски, основачка и креативна директорка на независниот македонски бренд 5 до 12, и Тина Петкоска, раководителка на одделение за платежни картички во рамки на Дирекцијата за дигитално банкарство и маркетинг на Халк Банка. Модераторка на разговорот ќе биде Ирина Михајлова, основачка на здружението за циркуларна култура, колекционерство и одржлив развој Second Hand Faves.

Во 15 часот, во рамките на EDU TALKS, следува интерактивното предавање „Помеѓу“ на проф. д-р Љупчо Јованов, кое ги поврзува театарот, сценографијата, визуелната уметност, сликарството и книгите. Преку своето професионално и творечко искуство, Јованов ќе отвори разговор за тоа како различните уметнички дисциплини создаваат светови, пренесуваат идеи и ја претвораат имагинацијата во конкретна форма.

Љупчо Јованов е редовен професор на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ Скопје, каде што предава предмети од областа на архитектурата, урбанизмот и планирањето дизајн. Покрај архитектурата, активно се занимава со театарска и филмска сценографија, како и со публикување научни книги од областа на театарот и архитектурата, новели и стрипови.

Саботната едукативна програма продолжува во 16 часот со предавањето на архитектонскиот истражувач Тони Левак, насловено „Компонентата памети – Создавање згради од делови што го знаат своето минато“. Во фокусот е прашањето како градежните елементи можат да ги зачуваат информациите за своето потекло, употреба и претходни животни циклуси, за да овозможат нивна повторна употреба во иднина.

Преку истражување на реверзибилните споеви, документацијата, однесувањето на материјалите и дигиталните записи, Левак ќе ги претстави можностите за создавање архитектура што не го третира материјалот како потрошен ресурс, туку како носител на знаење и историја. Тој докторирал со највисоки почести на Техничкиот универзитет во Грац, каде што истражувал и предавал од 2018 до 2025 година. Неговото предавање ќе се одржи на англиски јазик.

Во недела, едукативниот и разговорниот дел од програмата продолжува во 13:30 часот со панел-дискусијата „Твориме тука: иднината на локалната креативна сцена“, посветена на условите за работа и професионален развој на независните уметници и дизајнери во Македонија. Разговорот ќе ги отвори прашањата за достапноста на просторите за творење, институционалната и финансиската поддршка, како и можностите младите креативци да експериментираат, да се развиваат и професионално да опстојат.

Панелистки ќе бидат Ирина Атанаскова, основачка и тату-артистка во Nameless Tattoo Studio, и Бранкица Јордановска Николовска, ликовна уметница, костимографка, сценографка, илустраторка и културна активистка. Разговорот повторно ќе го модерира Ирина Михајлова, основачка на Second Hand Faves.

Во 15 часот, програмата EDU TALKS продолжува со предавањето „Рефлексии – Традицијата како современ дизајнерски јазик“ на македонската дизајнерка Јана Ацевска, основачка на дизајн-студиото КАПКА. Предавањето ја претставува нејзината творечка филозофија и истоимената платформа „Рефлексии“, која го истражува потенцијалот на традицијата и културното наследство како извор и инспирација за современиот дизајн. Преку истражување и современа интерпретација на традиционалните техники и рачната изработка, „Рефлексии“ отвора нови перспективи за културната меморија и идентитетот. Проектот „Ткаени идентитети / Од Жупа до светот“ го илустрира овој пристап, покажувајќи како наследените вештини и традиционалните техники можат да се трансформираат во нов современ израз.

Јана Ацевска е дизајнерка и основачка на КАПКА, дизајн-студио основано во 2006 година. Нејзината авторска практика опфаќа графички дизајн, дизајн на производи и накит, со постојан интерес за истражување на формата, материјалите, текстурите и нивниот потенцијал да раскажуваат приказни. Во нејзината работа се преплетуваат дизајнот и уметноста, интуицијата и концептот, современиот израз и референците од културното наследство. Нејзините дизајни се добитници на меѓународни признанија, меѓу кои German Design Award, Big SEE Product Design и наградата за иновација на Architectural Digest Design Show во Њујорк. Преку концептот „Рефлексии“, таа го проширува своето авторско истражување кон традиционалните занаети, рачната изработка и колективната меморија, барајќи нови форми на израз во дијалогот меѓу наследеното и современото.

Веднаш потоа, во 16 часот, следува предавањето „Секојдневни решенија за вообичаени проблеми“ на грчкото дизајн-студио papairlines, во состав Васо Асфи, Костас Бисас и Лукас Ангелу. Тројцата дизајнери ќе ги споделат своите размислувања за DIY дизајнот, самостојното создавање предмети и можноста секојдневните решенија да понудат алтернатива на прекумерно индустријализираните производи и услуги.

По објавувањето на двата тома од книгата „Travelogue: Greek Everyday Solutions to Common Problems“ („Патопис: Грчки секојдневни решенија за вообичаени проблеми“), papairlines ќе ги претстави своите истражувања за предметите создадени во Грција и за вредноста на занаетчиството, знаењето, снаодливоста и отворениот дизајн. Предавањето ќе отвори и пошироко прашање за улогата на човечката креативност во време кога вештачката интелигенција сè повеќе станува алатка во процесите на размислување и создавање.

Основано во 2011 година од Васо Асфи, Костас Бисас и Лукас Ангелу, papairlines се претставува како прва „авио-компанија“ без буџет. Преку своите „дизајнерски летови“, студиото го користи патувањето како метафора за поврзување на естетиката и употребливоста, процесот и резултатот, стереотипите и еволуцијата. Нивната работа опфаќа изложби, предавања, публикации и работилници, преку кои истражуваат алтернативни пристапи кон дизајнот. Предавањето ќе се одржи на англиски јазик.


Сите настани од викенд-програмата се со слободен влез. Заинтересираните посетители можат да го најават своето присуство на tamara@publicroom.org.

е-Трн да боцка во твојот инбокс