Што треба да знаете за ризиците од енергетската криза

Глобалната енергетска криза повторно се продлабочува поради геополитички тензии околу Ормускиот теснец, што може да предизвика раст на цените на нафтата, недостиг на гориво и нов бран инфлација во Европа.

Европа повторно се наоѓа пред нов енергетски шок откако геополитичките тензии на Блискиот Исток повторно ги разнишаа глобалните пазари. Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека е „уморен“ од тоа што граѓаните и компаниите во Европа плаќаат висока цена „поради постапките на Владимир Путин или Доналд Трамп низ светот“. Европа, која штотуку почна да се опоравува од енергетската криза предизвикана по руската инвазија врз Украина во 2022 година, сега се соочува со нов бран нестабилност поврзан со конфликтите околу Иран и Блискиот Исток.

Ормускиот теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта, се наоѓа под сериозен притисок. Ако Ормускиот теснец остане блокиран само уште една до две недели, експертите предупредуваат на недостиг на гориво, проблеми со снабдување со ѓубрива, прекин во индустриски суровини и раст на цените на храната. Првично би била погодена Азија, но последиците брзо би се прелеале и во Европа.

Политиките на американскиот претседател Доналд Трамп, поврзани со притисок врз Иран и ограничување на неговиот извоз, дополнително ја стеснуваат глобалната понуда на нафта. Истовремено, тензиите меѓу Иран и САД создаваат дополнителна неизвесност на енергетските пазари без јасен сигнал за деескалација.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предупреди дека трошоците за увоз на фосилни горива во Европската унија се зголемиле за повеќе од 22 милијарди евра за само 44 дена од кризата, додавајќи дека Ормускиот теснец е практично затворен и дека граѓаните тоа веднаш го чувствуваат на пумпите, во маркетите и на сметките.

Аналитичарите предупредуваат дека кризата може да премине од високи цени во реален недостиг, особено во авијацијата, енергетиката, хемиската индустрија и металургијата. Европските аеродроми веќе стравуваат од недостиг на керозин, додека индустриите зависни од енергија може да почнат да ја намалуваат производството.

Покрај енергенсите, растат и цените на храната поради поскапување на транспортот и ѓубривата, а економистите предупредуваат дека долгорочната нестабилност може да предизвика нови социјални тензии и пад на индустриското производство.

Во Ирска владата веќе беше принудена да реагира со намалување на даноците на гориво поради протести и блокади на клучни транспортни рути, што дополнително ја покажува сериозноста на кризата.

Иако Европа веќе ги чувствува последиците, експертите предупредуваат дека најтешкиот период допрва доаѓа и дека продолжена блокада на Ормускиот теснец може да предизвика комбинација од висока инфлација, недостиг на енергенси и забавување на индустриското производство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни