Што е „топлинска купола“? Европа се соочува со рекордни температури уште во мај

Европа е погодена од рекордни мајски горештини поради феноменот познат како „топлинска купола“, додека метеоролозите предупредуваат дека климатските промени ги продолжуваат и засилуваат топлотните бранови.

Европа се подготвува за уште поекстремни температури по рекордно топлиот викенд во мај, при што делови од континентот бележат температури и до 16 степени над просекот за овој период од годината. Метеоролозите од Severe Weather Europe предупредуваат дека температурите се движат од 12 до 16 степени Целзиусови над долгорочните климатски норми, додека климатските промени дополнително ја загреваат планетата.

Јужните и југозападните делови на Европа, вклучувајќи ги Португалија, Шпанија и Франција, се очекува да достигнат температури до 38 степени Целзиусови, додека и во северните земји како Германија и Обединетото Кралство температурите надминуваат 30 степени. Француската метеоролошка служба „Метео Франс“ објаснува дека зад необично високите температури стои таканаречената „топлинска купола“, феномен кој, според Severe Weather Europe, моментално е особено силен над Западна и Централна Европа.

Што претставува „топлинска купола“?

„Топлинската купола“, позната и како „топлински меур“, се создава кога систем со висок воздушен притисок се формира во горните слоеви на атмосферата. Тој систем го притиска воздухот надолу, при што воздухот се загрева и компресира. Бидејќи топлиот воздух се шири, се создава своевидна „куполa“ која ја задржува топлината под себе.

Поради тоа, временскиот систем останува речиси неподвижен, што предизвикува долготрајни екстремно високи температури, сушење на почвата и зголемен ризик од шумски пожари.

Дали топлинскиот бран и топлинската купола се исто?

Британската метеоролошка служба „Мет офис“ дефинира топлотен бран како продолжен период на високи температури во однос на нормалните услови за одреден регион и период од годината. Тоа значи дека топлинската купола и топлотниот бран не се исто, но топлинската купола често предизвикува топлотен бран затоа што ја „заробува“ топлината и дополнително ги зголемува температурите.

Според европската климатска служба „Коперникус“, 2025 година била трета најтопла година досега, и глобално и во Европа. Во последните години температурите над 40 степени Целзиусови предизвикаа суши, шумски пожари и илјадници смртни случаи низ Европа.

Истражување на Империјал колеџ во Лондон и Лондонската школа за хигиена и тропска медицина покажало дека климатските промени биле одговорни за околу 68 проценти од проценетите 24.400 смртни случаи поврзани со жештините минатото лето во Европа. Најпогодени од екстремните горештини биле Романија, Бугарија, Грција и Кипар.

Метеорологот Јоана Вергини предупредува дека европските лета не само што стануваат потопли, туку и подолги.

„Она што порано беше типично за јули, сега пристигнува уште во средината на мај“, изјави таа.

Според климатските анализи, јуниските топлотни бранови во Европа денес се околу десет пати поверојатни отколку во прединдустрискиот период, а истиот тренд сè повеќе се забележува и во мај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс