Хиперхлорирањето на водоводниот систем во Гостивар е најважниот чекор во дезинфекцијата на мрежата по загадувањето на водата. Но, тоа не значи дека водата веднаш станува безбедна за пиење, потребни се повеќе лабораториски анализи пред забраната да биде укината.
По повеќедневната криза со загадената вода, надлежните започнаа со процес на хиперхлорирање – постапка во која во водоводната мрежа привремено се внесува поголема количина хлор за уништување на бактериите, вирусите и другите микроорганизми што можеби останале во цевководот.
Што всушност значи хиперхлорирање?
Хиперхлорирањето е стандардна санитарна мерка што се применува по загадување на водоводен систем. За разлика од редовната дезинфекција, во оваа фаза се користи повисока концентрација на хлор за темелно чистење на каптажите, резервоарите и водоводната мрежа.
Во Гостивар, надлежните го заменија хлоринаторот кај каптажата и воведоа дополнително хлорирање со концентрација од 0,8 милиграми резидуален хлор на литар, за која тврдат дека е во рамките на законски дозволените вредности. Поради тоа, граѓаните може да почувствуваат посилен мирис или вкус на хлор во водата, што е очекувана појава за време на дезинфекцијата.
Зошто водата сè уште не смее да се пие?
Иако процесот на дезинфекција е започнат, забраната за употреба на водата за пиење останува во сила.
Причината е што, по хиперхлорирањето, мора да се направат повеќе последователни лабораториски анализи за да се потврди дека нема присуство на штетни бактерии, водата е микробиолошки исправна, хемиските параметри се во дозволените граници.
Според последните анализи, во шест примероци биле утврдени отстапувања во вредностите на резидуалниот хлор, а дел од примероците покажале и микробиолошка неисправност. Експертски тимови продолжуваат секојдневно да земаат мостри од повеќе локации низ градот сè додека сите резултати не бидат целосно исправни.
Кога водата повторно ќе може да се користи?
Според најавите на надлежните институции: до крајот на оваа недела или почетокот на следната се очекува водата повторно да биде дозволена за техничка употреба (миење, чистење и санитарни потреби), до крајот на следната недела можно е да биде укината и забраната за пиење, но само ако сите контролни анализи покажат дека водата е целосно безбедна.
До тогаш продолжува снабдувањето на граѓаните со пакувана вода и вода преку поставените цистерни и пунктови.