Што значи да растеш, да згрешиш, да избираш и повторно да се обидеш? Одговорите денеска пристигнуваат во Прилеп преку „Пинокио“ – претставата на Народниот театар од Битола со која се отвора седмото издание на детскиот театарски фестивал „Силјан Штркот“.
Претставата според познатото дело на Карло Колоди, во режија на Деан Дамјановски, ќе се игра денеска, 18 септември, од 12 часот. „Пинокио“ е приказна за растењето, изборите, искреноста и љубовта, но и за сите оние грешки и искушенија низ кои поминуваме додека се обидуваме да станеме подобри.
Преку детската фантазија, претставата ги отвора прашањата за чувствата, доброто и лошото, довербата, соништата и храброста да се поставуваат прашања. Главната улога ја толкува Никола Стефанов, а настапуваат Валентина Грамосли, Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска-Илијевски, Катерина Аневска-Дранговска и Александар Димитровски.
Во претставата учествуваат и деца од театарската школа „Бабец“: Ана Анѓелевска, Стефан Доневски, Матеа Василевска, Лина Трампевска, Николина Јанкоска, Ана Марија Каранфиловска, Војдан Мавровски, Николај Илијевски, Марија Јовев, Андријана Мемет и Каја Крстевска.
Музиката е на Марјан Неќак, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимите на Андреј Ѓоргиевски, а маските ги изработила Сара Милевска. Ментор на театарската школа „Бабец“ е Јулијана Мирчевска. Фестивалот „Силјан Штркот“ ќе трае до 25 септември и во Прилеп ќе донесе програма наменета за најмладата публика.
Организатор е Здружението „Мал театар“ од Прилеп, со поддршка и покровителство на Општина Прилеп и Министерството за култура и туризам, во соработка со Центарот за култура „Марко Цепенков“, каде што ќе се одржат најголемиот дел од фестивалските претстави.