Светските медиуми пишуваат за мрежата откриена во Македонија и за планираниот атентат во Грција

Ројтерс ја опишува соработката меѓу македонските и грчките служби, Си-ен-ен Грција објави две верзии за целта на нападот, а израелските медиуми пишуваат и за можна улога на Мосад.

Ројтерс и Асошиејтед прес известија за случајот со мрежата поврзана со Иран, која, според македонските власти, подготвувала атентат во Грција. Извештајот на Асошиејтед прес од Скопје го објавија „Вашингтон пост“ и Еј-би-си њуз. Во грчките и израелските медиуми, во преден план е прашањето кој бил цел на планираниот напад.

Што објави Ројтерс за апсењата

Повикувајќи се на грчки безбедносни извори, Ројтерс објави дека еден македонски државјанин бил уапсен во Грција и предаден на македонските власти. Потоа во Македонија биле уапсени уште четири лица. Агенцијата за национална безбедност соопшти дека на случајот работела од почетокот на годината, во соработка со грчката разузнавачка служба и други партнерски служби.

Грчките медиуми објавија две верзии за целта

Според Си-ен-ен Грција, четворица од осомничените во своите искази посочиле ирански опозициски активист и критичар на властите во Техеран. Петтиот посочил Израелец кој живее и работи во Грција. Грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека можната цел била израелско раководно лице во компанија со седиште во Грција. АНБ во соопштението наведува дека мрежата подготвувала напад врз лице во Грција. Идентитетот на тоа лице останува непотврден.


Израелските медиуми го споменуваат и Мосад

„Тајмс оф Израел“ и „Џерусалем пост“ во насловите го издвојуваат наводот дека целта бил израелски бизнисмен. За таа информација двата медиума се повикуваат на „Катимерини“. „Тајмс оф Израел“ пренесува и навод од израелската телевизија дека Мосад помогнал во спречувањето на нападот. Во официјалното соопштение, АНБ ја именува грчката разузнавачка служба, а останатите ги наведува како партнерски служби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс