Шпанија знаела за мигрантскиот бран кон Сеута неколку дена однапред, тврдат разузнавачки извори

Разузнавачките служби предупредиле на можен масовен прилив на мигранти од Мароко, но во Сеута сепак влегле меѓу 60.000 и 75.000 луѓе.

Шпанската влада добила предупредувања неколку дена пред масовниот прилив на мигранти во Сеута, но и покрај тоа не успеала да го спречи најголемиот мигрантски бран во историјата на оваа шпанска енклава во Северна Африка, тврдат повеќе воени и цивилни разузнавачки извори.

Според нив, службите однапред предупредиле дека мароканскиот крал Мохамед VI би можел да направи „гест на добра волја“ на границата по повод Денот на престолот. Потоа следеле извештаи за мигранти кои пливале од мароканскиот град Фнидек, како и за автобуси што превезувале луѓе кон границата.

Во деновите пред кризата, речиси 1.000 мигранти допливале до Сеута, што разузнавачките служби го оцениле како тест на однесувањето на мароканските власти.

И покрај предупредувањата, во Сеута влегле меѓу 60.000 и 75.000 мигранти, што претставува најголема мигрантска криза досега во градот. Според шпанското Министерство за внатрешни работи, околу 53.000 лица подоцна биле вратени во Мароко.

Припадниците на Цивилната гарда и националната полиција не успеале да го запрат приливот, туку најголем дел од времето биле ангажирани во спасување и укажување помош на повредените. Дел од безбедносните извори ја критикуваат владата што не ја ангажирала армијата веднаш, иако воените единици во Сеута и Мелилја биле во состојба на готовност.

Шпанскиот премиер Педро Санчез масовниот влез на мигранти го оцени како „повреда на територијалниот интегритет на Шпанија“, обвинувајќи ги мрежите за криумчарење луѓе дека ја искористиле судската пресуда која забранува итно враќање на мигрантите што пристигнуваат со пливање.

Во исто време, Санчез нагласи дека мароканските власти соработувале „брзо и доследно“ за справување со кризата, иако безбедносни извори тврдат дека засилувањата на шпанската граница пристигнале дури откако кризата веќе ескалирала.

е-Трн да боцка во твојот инбокс