По 162 години на дното на морето пронајдена шише „Гинис“, пиварницата сака да го испита

Ронилачи открија сандак со шишиња пиво и џин во потонат брод кај Довер, меѓу кои и шише „Гинис“ старо 162 години. Компанијата покажала интерес да го испита необичното откритие и да дознае повеќе за пивото што се произведувало во 19 век.
Profimedia/mediadrumimages.com/@tom.st.geor/Media Drum World

Необично откритие на дното на морето кај Довер привлече внимание и на една од најпознатите пиварници во светот. Во остатоците од брод што потонал во 1864 година бил пронајден сандак со шишиња пиво и џин, а меѓу нив и шише на кое пишува „Гинис Лондон“.

Шишето го пронашол белгискиот ронилач Стефан Панис во потонатиот брод „Миндоро“, на длабочина од околу 25 метри. Според откритието, шишето поминало цели 162 години на морското дно и останало во зачувана состојба.

Особено интересно е што на шишето стои ознаката „Гинис Лондон“, иако „Гинис“ денес е познат како ирски бренд. Панис преку компанијата дознал дека во времето кога бродот потонал било вообичаено пивото да се испраќа во буриња до други места, меѓу кои и Лондон, каде што потоа се полнело во шишиња и се транспортирало понатаму.

Токму историската вредност на пронајденото шише ја заинтересирала и компанијата „Гинис“. Од пиварницата соопштиле дека би сакале да го испитаат шишето во својата лабораторија, со цел да се дознае повеќе за неговата содржина и начинот на производство на пивото од тоа време.

Откритието е дел од поголема приказна за бродот „Миндоро“, дрвен едрењак кој во 1864 година пловел кон Ванкувер со колонијален товар. Во неговата внатрешност биле пронајдени различни предмети, меѓу кои прибор за јадење, чинии и голем број шишиња со вино, пиво и џин.

На местото биле пронајдени и предмети поврзани со војската, вклучително и токи за пушки и војнички ремени. Според Панис, бродот носел залихи за англиски полк што бил стациониран во Ванкувер.

Откритието на старото пиво отвора можност да се дознае како изгледал и каков вкус имал „Гинис“ во 19 век. Истражувачите веќе работат на проект со кој би се анализирала содржината на шишето и би се обиделе да реконструираат што е можно поверна верзија на тогашното пиво.

Според истражувачите, шишињата биле зачувани во исклучителни услови, под вода, во темнина и на ниска температура. Токму таквата средина можела да придонесе за нивната зачуваност и да овозможи денес, повеќе од еден и пол век подоцна, да се проучува нивната содржина.

За ронилачите кои го истражуваат потонатиот брод, откритието претставува редок поглед во секојдневието од 19 век. За „Гинис“, пак, шишето може да биде необичен историски запис за начинот на кој пивото се произведувало, полнело и транспортирало пред повеќе од 160 години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс