Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, предупреди дека евентуален директен напад врз нуклеарната централа „Бараках“ во Обединетите Арапски Емирати би можел да има катастрофални последици за регионот. Гроси говореше на итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, свикана по неодамнешниот напад со дрон во близина на нуклеарната централа во Абу Даби.
„Ова е нуклеарен објект на Блискиот Исток, каде последиците од евентуален напад би можеле да бидат исклучително сериозни“, изјави Гроси.
Тој посочи дека централата „Бараках“, лоцирана на околу 300 километри од Абу Даби, е активно нуклеарно постројување во кое се складирани илјадници килограми нуклеарен материјал, вклучително и свежо и искористено гориво. Според Гроси, директен погодок врз реакторите може да предизвика големо ослободување на радиоактивност во животната средина, додека оштетување на електроенергетската мрежа што ја снабдува централата би можело да доведе до сериозни проблеми со јадрото на реакторот. Тој предупреди дека во таков случај би биле неопходни итни заштитни мерки, вклучително евакуации, засолнување на населението и употреба на стабилен јод во радиус од неколку стотици километри.
Властите на Обединети Арапски Емирати претходно соопштија дека во близина на нуклеарката избувнал пожар по напад со дрон, што дополнително ги зголеми тензиите на Блискиот Исток. Регионалната криза се продлабочи по нападите на САД и Израел врз Иран, по што Техеран возврати со напади врз израелски и американски сојузници во Заливот и со блокада на Ормутскиот теснец. Иако примирјето стапи во сила на 8 април со посредство на Пакистан, преговорите сè уште не донеле трајно решение за конфликтот.