Хрватската пејачка Северина ги повика граѓаните да се приклучат на протестот против проблемот со опасниот отпад во Лика, што на 5 септември ќе се одржи во Загреб. Граѓанската иницијатива „Госпиќ е нашиот дом“ го организира протестот под мотото „Оди за Лика, оди за Хрватска“. Собирањето на учесниците ќе започне во 11 часот пред Главната железничка станица, по што ќе следува марш до плоштадот „Бан Јосип Јелачиќ“. Централниот дел на протестот е најавен за 12 часот.
Северина претходно ги повика граѓаните да учествуваат на протестот за време на концертот во Карловац.
„Мораме да се чуваме, мораме да се грижиме едни за други. Затоа, на 5 септември дојдете во Загреб – за Госпиќ, за Лика, за Бенковац, за сите градови“, порача таа.
„Смртта, болеста и корупцијата немаат идеолошки предзнак“
Во објава на Инстаграм, пејачката остро го критикуваше односот кон проблемот со загадувањето и опасниот отпад.
„Смртта, болеста и корупцијата ги погодуваат сите и немаат идеолошки предзнак. Не постои идеологија што поддржува загадување или кражба од страна на поединци“, напиша Северина.
Таа се осврна и на политичките случувања во Србија, посочувајќи ги протестите на студентите и обвинувајќи ја власта за притисок врз демонстрантите.
Северина ги повика и спортистите и јавните личности, без оглед на нивната политичка определба, да се приклучат на протестот.
„Нека дојдат што повеќе јавни личности, од кој било светоглед. Хрватска е во прашање“, порача таа.
Повик и до „молителите“ и активистите за живот
Во својата објава Северина директно им се обрати и на групите кои во Хрватска организираат јавни молитви, како и на активистите кои учествуваат во иницијативи за заштита на животот.
„Нека дојдат молителите од плоштадот и оние што одат за живот. Нека се молат и нека одат за Хрватска“, напиша таа, додавајќи дека според неа во фокусот треба да биде заштитата на луѓето и животната средина, а не поделбите околу идеологијата.
Таа ги повика и ветераните да учествуваат на протестот и порача дека Хрватска треба да се заштити од складирање опасен отпад. Протестот на 5 септември треба да биде насочен кон проблемот со опасниот отпад во Лика, а организаторите очекуваат учество на граѓани од различни делови на Хрватска.