Како „Seven Nation Army“ стана фудбалска химна?

„Seven Nation Army“ започнува со еден од најпрепознатливите рифови во рокот. Џек Вајт го напишал во 2002 година, онака спонтано, зад сцената на концерт во Мелбурн за време на една турнеја. За малку ќе го дадел за тема на некој филм за Џејмс Бонд, пред да реши околу него да направи цела песна кога се вратил во Лондон. Целта му била едноставна, да напише нешто што воопшто нема класичен рефрен. Самиот го нарекол тоа мал експеримент.
Фото: Eric Kilby, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Дури и откако ја завршиле песната, никој не очекувал премногу од неа. Се нашла на албумот „Elephant“ во 2003 година, ама издавачките куќи и во Америка и во Европа притискале како сингл да излезе сосема друга песна. Вајт сепак се изборил за неа. Гледајќи наназад, тој вели дека никој, ниту издавачите, ниту самите артисти, не можеле со сигурност да знаат која песна ќе стане голем хит.

Песната доживеа вистински бум благодарение на фудбалот. Во октомври 2003 година, навивачите на белгискиот Клуб Бриж почнаа да го пеат рифот за време на натпревар од Лигата на шампионите во Италија. Нивниот тим победи, па пеењето остана како нивна неофицијална химна.

Оттаму многу брзо се рашири низ целиот спорт. Се појави на Светското првенство во 2006 година кога победи Италија, стана песна со која екипите излегуваа на терен на Европското во 2008 година, а до Европското во 2012 година веќе беше стандардна навивачка песна секогаш кога ќе паднеше гол.

Причината зошто толку добро се прифати на трибините е едноставна, ова навивање нема вистински зборови. Навивачите каде било во светот можат да се приклучат без да знаат ниту еден стих, па дури ни збор на англиски. Вајт го спореди ова со она „на-на-на“ од „Hey Jude“ на Битлси, опишувајќи го како музика што се претвора во нешто поблиску до народна песна, бидејќи јазикот веќе воопшто не е пречка.

По повеќе од две децении, тој риф сè уште ечи по стадионите насекаде. Она што почна како одбиена идеја за сингл од рок бенд со само двајца членови, денес е едно од најпеаните парчиња музика на планетава, а повеќето од луѓето што го пеат веројатно никогаш го немаат ни слушнато оригиналниот текст.

е-Трн да боцка во твојот инбокс