По триумфот во Токио, каде „Сестра, брат и шахта“, новиот филм на режисерот Милчо Манчевски победи, освојувајќи ја главната награда Гран При на Гувернерот на Токио и предизвика лавина пофалби во светските медиуми, синоќа филмот доживеа извонреден прием и на 47. Меѓународен филмски фестивал во Каиро. Филмот беше прикажан во Официјалната селекција, надвор од конкуренција, затоа што веќе се натпреваруваше во Токио.
Во легендарната Каирска опера, публиката бурно реагираше за време на филмот, се смееше и имаше емотивни реакции. Финалниот аплауз беше заглушувачки, а разговорот со публиката по проекцијата, кој го водеше програмерката Меги Морган, траеше до доцна во ноќта, за потоа Манчевски да продолжи да дава автограми и селфија надвор од салата, и серија интервјуа за египетските и светски медиуми. На проекцијата присуствуваа и најзначајните египетски критичари, како и критичарката на Холивуд репортер.
Овие медиумски одгласи се надоврзуваат на бројните пофалби и интервјуа за филмот по триумфот во Токио. Интервјуа објавија и „Холивуд репортер“, „Variety“, „Deadline “, британскиот „Eye on Cinema“….
Сите светски медиуми се осврнуваат и на неколкугодишната борба на Манчевски со филмската мафија, пишуваат опширно за фактот дека неговото творештво беше блокирано со години и дека тој беше изложен на политичко малтретирање затоа што пријави корупција во Агенцијата за филм, но и дека тој доби две судски пресуди против Агенцијата, како и поддршка од Антикорупциска комисија, Венецијанскиот филмски фестивал, Транспаренси интернешанел… Неговите два филма во 2026 се резултат на судските победи. Деновиве и секретаријатот на Транспаренси интернешанел во Берлин објави осврт на случајот под наслов „Случајот на еден филмски режисер влијае врз нов закон за укажувачи“.
Светската критиката го издвојува неговиот бескомпромисен режисерски пристап, жанровска иновација и извонредна актерската игра, која на оваа црна комедија и социјална критика ѝ дава човечко лице.
Во својата рецензија за филмот за Cineuropa, Susanne Gottlieb вели: „Вистинска кулминација во препознатливиот стил на Манчевски: човечките односи и трагедијата, проткаени со остра опсервација на општествените прилики и многу ироничен хумор.“
Elizabeth Kerr пишува во Screen Daily: „Сатирична алегорија за сè поголемата нееднаквост меѓу богатите и сиромашните, како и сè пофлуидното сфаќање на семејството. Актерските остварувања се во функција на пошироката визија на Манчевски: повторното обединување на изгубените семејства и, пред сè, критиката на разорните последици од доцниот капитализам и огромната поделба меѓу богатите и сиромашните. Секојдневната корупција, распространетата злоупотреба и сиромаштијата постојат речиси рамо до рамо со невидениот раскош и богатство. Во фокусот на Манчевски е урнатиот систем, кој останува зад себе по неисполнетите политички ветувања“.
Emanuele Bucci во Sala Grande, пишува: „Манчевски се враќа на долгометражната играна форма, на свој препознатлив и единствен начин, со трогателна и исклучително духовита ода на двајца неодоливи аутсајдери. Нивната приказна ја следиме со посебна блискост и разбирање, низ поглед на авторот, кој знае како да се вљуби во протагонистите кои ги создава и како да ја пренесе таа љубов и на публиката. Тој ги обликува со голема човечност и автентичност“.
„Брат, сестра и шахта“ е духовит и емотивен поглед на семејството, љубовта и посветеноста… Подготвеноста на Малина и Виктор да направат сè што треба за взаемно да се заштитат е она што ги прави ликовите толку впечатливи и непредвидливи. Духовит и емотивен поглед на семејството, љубовта и посветеноста, спакуван во форма на криминалистичка комедија.“, пишува за Four Time Film School Dropout, Dominic La Viola.
„Мрачна комедија исполнета со остри опсервации на општествената стварност во која владее прекрасно изместена логика. Бронзените херои исчезнуваат од своите постаменти, но корупцијата и лицемерието на живите се многу потешки за отстранување. Наместо да ги прикажува своите обесправени протагонисти со сентименталност, режисерот им дава привлечна, нескротлива човечност. Распарчени општества, морална двосмисленост и поединци заробени меѓу личната борба за опстанок и колективната општествена дисфункционалност. Филм кој на крајот открива најголемо богатство во длабоките врски меѓу луѓето. „Сестра, брат и шахта“ е живописен и горчливо-сладок потсетник дека сочувството може да опстане дури и таму каде што речиси сè друго е продадено во старо железо.“, пишува Meredith Taylor за Filmuforia.
„Извонредни актерски остварувања на Сара Климоска, Филип Трајковиќ и Соња Михајлова. Во структурата на филмот вткаени се бројни инвентивни решенија. Филмот е истовремено длабок и заводлив.“, вели Debanjan Dhar во Highonfilms.
„Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат – во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.
Ова е негов деветти долгометражен игран филм. Во 2026 година тој го реализираше и долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ за трагедијата во Кочани, кој самиот го финансираше. Приходите од овој документарец во целост одат за жртвите во Кочани. Со ова во иста година тој претстави два филма пред меѓународната публика.
