Хоророт во Охрид: Кривична за тепачот на Сара, но мајка му го пријавила таткото на претепаната девојка

Охрид е на нозе по објавата на Ирена Ѓорѓиеска, мајка на 26-годишната Сара, која по бруталниот напад заврши во болница со тешки телесни повреди. Во меѓувреме, со официјални детали излезе и СВР Охрид — осомничениот 31-годишен охриѓанец доби кривична пријава, но наместо притвор, судот му изрекол мерки на претпазливост, додека неговата мајка го пријавила таткото на претепаната девојка за наводни закани.

Според официјалните информации од полицијата, инцидентот се случил на 15 ноември околу 02:00 часот по полноќ. По претходна расправија која започнала во неговиот дом, а продолжила во неговиот автомобил, пријавениот К. К. (31) физички ја нападнал својата 26-годишна девојка. Откако го сопрел возилото, тој продолжил со нападот сè додека девојката не изгубила свест.

Девојката била пронајдена на улица пред маркет и итно пренесена прво во Општата болница во Охрид, а потоа и во Специјалната болница „Св. Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди, хематоми и нагмеченици. Од болницата потврдуваат дека таа денеска дава исказ пред надлежното обвинителство, по што се очекува да биде пуштена на домашно лекување.

Мерки на претпазливост наместо притвор и контра-пријава

Од СВР Охрид соопштуваат дека осомничениот К. К. бил приведен неколку часа по нападот, во 05:05 часот, и против него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ (по член 131, став 3 од Кривичниот законик). Сепак, по барање на Јавното обвинителство, Основниот суд во Охрид му изрекол само мерки на претпазливост, со што тој бил пуштен да се брани од слобода.

Случајот доби и неочекуван пресврт откако истата утро, во 08:50 часот, 51-годишната Љ. К. (мајка на осомничениот) во полиција го пријавила 49-годишниот Љ. Ѓ. (татко на претепаната девојка) за загрозување на сигурноста, тврдејќи дека преку мобилен телефон упатил закани кон нејзиниот син и целото семејство. По оваа пријава, таткото на девојката бил приведен во 13:20 часот и против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Потресното сведоштво на мајката: Барање нож, план за провалија и политички врски

Токму пуштањето на осомничениот на слобода беше причината мајката на девојката, Ирена Ѓорѓиеска, да излезе со емотивно и вознемирувачко обраќање на социјалните мрежи, тврдејќи дека нејзината ќерка живее во страв за сопствената безбедност.

Во објавата, таа изнесе стравични детали од сведоштвото на Сара за моментите додека била во бессознание и крајно беспомошна состојба. Според мајката, пред нападот телефонот на девојката наводно бил намерно искршен за да не може да повика помош, а присутните лица одбиле да ја однесат во болница и покрај нејзините молби. Понатаму, Ѓорѓиеска тврди дека осомничениот, мислејќи оти Сара е мртва, телефонски го контактирал својот татко за да побара насоки како да се ослободи од телото и дали да ја фрли во провалија, при што наводно побарал и нож за да ја „докрајчи“. Девојката, според објавата, се спасила во последен миг откако дошла при свест, по што напаѓачот ја исфрлил на улица.

Обвинувања за притисоци врз болницата и влијателни родители

Во своето обраќање, Ѓорѓиеска изнесува непотврдени, но крајно сериозни обвинувања на сметка на семејството на осомничениот, тврдејќи дека се прави обид целиот случај да се заташка. Таа наведува дека осомничениот е син на поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Љубинка Корабоска, и на инспекторот во УЈП, Гоце Корабоски, за кого тврди дека има блиски релации со врвот на власта. Дополнително, мајката обвинува дека роднина на осомничениот наводно контактирала со болницата за да се влијае врз медицинскиот извештај и тешките повреди да се прикажат како обични гребаници.


„До кога ќе дозволуваме некој да мисли дека може да прави што сака, да избегнува одговорност и да се чувствува недопирлив само затоа што зад себе има партиски врски, моќни родители и познанства?“, прашува Ѓорѓиеска во својот статус.

Редакцијата на Трн.мк останува отворена за реакција и став од сите посочени лица во објавата на мајката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс