Од пеколно лето во есен за само 24 часа: Температурите паѓаат и до 15 степени

Во петок нè очекува драматична промена на времето со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и дневни температури кои во делови од земјава нема да надминат ни 16 степени.

По периодот на пеколни горештини, Македонија во петок, 24 јули, ја очекува сериозно заладување. Температурите нагло ќе се спуштат, а во некои градови разликата во однос на претходните жешки денови може да достигне и околу 15 степени.

Според прогнозата на УХМР, времето ќе биде променливо облачно и значително посвежо, со повремени врнежи од дожд, кои на одредени места ќе бидат пообилни.

Локално ќе има услови за развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе дува слаб до умерен ветер, додека долж Повардарието повремено ќе се засилува северниот ветер.

Најсвежо ќе биде во западните и југозападните делови од земјава. Во Охрид максималната температура се очекува да достигне само 16 степени, во Дебар околу 14, додека во Битола се прогнозираат 21 степен.

Во источните и југоисточните делови ќе биде нешто потопло, со максимални температури до 25 степени. Утринските температури низ земјава ќе се движат приближно од 10 до 18 степени.

Дожд и грмежи и во Скопје

Во Скопје ќе биде променливо облачно и посвежо, со повремени врнежи од дожд, кои на места може да бидат пообилни.

Во делови од котлината ќе има услови за пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, а температурата ќе се движи од околу 16 степени наутро до 24 степени во текот на денот.

Наглото заладување ќе донесе вистинско временски пресврт, од летна жега кон температури кои во делови од земјава повеќе ќе потсетуваат на рана есен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс