Серијата „Бескрајна ноќ“ на Нетфликс морбидно потсеќа на трагедијата во Кочани

Трагедијата што се случи викендов во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, многумина потсети на шокантната серија „Бескрајна ноќ“ достапна на Нетфликс. Серијата ја прикажува вистинската приказна за катастрофалниот пожар што избувна во 2013 година во ноќниот клуб Kiss во бразилскиот град Санта Марија.

Во таа трагедија животот го загубија 242 лица, главно млади студенти на возраст од 18 до 30 години, додека повеќе од 600 се здобија со тешки и полесни повреди. Пожарот избувнал откако член на бендот запалил огномет за време на настап, а пламенот се проширил откако се запалил материјал на звучната изолација на таванот, испуштајќи отровни испарувања кои брзо го исполниле просторот.

Заплетот на серијата, снимена во 2022 година, се фокусира на последиците од трагедијата, прикажувајќи ја борбата на родителите и семејствата на жртвите за постигнување правда, одговори и признавање на одговорноста. Во серијата е прикажано колку потфрлија институциите, од лоша контрола на безбедносните услови во клубот, до немањето соодветни излези за итни случаи, до корупција и бавни судски процеси кои со години ги оставаат семејствата на жртвите во агонија.

Во пет епизоди, гледачите ги следат личните приказни на преживеаните, членовите на семејството и пријателите на жртвите, сведоци на нивните трауми, но и нивната неуморна борба за вистина и правда. „Бескрајна ноќ“ е адаптација на наградуваната книга „Todo Dia a Mesma Noite“ од бразилската новинарка Даниела Арбекс, чие истражување даде темелна приказна за трагедијата и нејзините последици.

Арбекс поминала години разговарајќи со преживеаните, семејствата на жртвите, лекарите, пожарникарите и другите клучни сведоци за да ги реконструира настаните од таа кобна ноќ и да разјасни што тргнало наопаку. Книгата доби големо влијание во Бразил затоа што не само што ја прикажува историјата на една од најголемите граѓански трагедии во земјата, туку и ги разоткрива сериозните пропусти и негрижа што ја направија трагедијата можна.

Серијата верно ја следи структурата на книгата, одржувајќи хронолошки пристап кон настаните, но и воведувајќи емотивни драматизации кои му помагаат на гледачот да се идентификува со болката и борбата на главниот лик.

Филмот е во режија на Јулија Резенде, а актерската екипа е предводена од Бјанка Компарато, Паоло Оливеира и Тела Мартинс, кои убедливо испорачуваат слоевити и потресни интерпретации на вистински луѓе погодени од трагедијата. Серијата беше снимена на автентични локации во Бразил, а продуцентскиот тим соработуваше со преживеаните и семејствата на жртвите за да се погрижи прикажувањето да биде што е можно попрецизно и достоинствено.

„Бескрајна ноќ“ е достапна на Нетфликс, на португалски, со преводи на повеќе јазици. Иако се работи за серија, многу гледачи истакнуваат дека доживувањето на гледањето остава длабока трага и поттикнува размислување за одговорноста на општеството, институциите и поединците во спречувањето на слични трагедии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс