Големо изненадување на Ролан Гарос, каде што петтиот тенисер во светот, Бен Шелтон, беше елиминиран уште во второто коло. Американецот загуби во три сета од Белгиецот Рафаел Колинјон со 6:4, 7:5, 6:4, во натпревар кој претставува една од поголемите сензации на турнирот.
Колинјон одигра совршен меч
Тенисерот кој моментално е 62. на АТП листата одигра речиси беспрекорен меч и заслужено дојде до победата, изедначувајќи го својот најдобар резултат на Гренд слем турнир. Особено впечатливо е тоа што Колинјон не дозволи ниту една брејк-шанса на својот противник, што сведочи за целосна контрола на играта. Тој доминираше од основната линија, постојано казнувајќи ја агресивната игра на Шелтон.
Американецот се обидуваше да го наруши ритамот со чести излегувања на мрежа, но Колинјон имаше одговор на секој негов потег. Во секој од трите сета, Белгиецот направи по еден брејк, што беше доволно за убедлива победа и пласман во следното коло.
Ова е втора победа на Колинјон против тенисер од Топ 10, откако претходно го совладал и Алекс де Минор. Во следната рунда, Колинјон ќе игра против победникот од дуелот меѓу Матео Арналди и Стефанос Циципас.