Филмската програма на 14. издание на „Прво па женско“ годинава доаѓа под наслов „Семејство, но поинаку“ и ќе се одржи на 20 и 21 мај во „Лабораториум“, со почеток во 20 часот. Селекцијата носи два авторски филма што преку различни естетски и наративни пристапи ги отвораат прашањата за современото разбирање на семејството, телото, идентитетот, заедништвото и припадноста.
Програмата започнува на 20 мај со дискусијата „Семејство, но поинаку: Кои се можностите за правно препознавање на истополовото партнерство?“, на која ќе разговараат правничката и експертка за човекови права Маја Атанасова и Душица Лазова. Разговорот ќе се обиде да ја локализира филмската приказна и да отвори прашања за правното препознавање на истополовите релации во земјава, преку споредба со практики од регионот, меѓу кои и животните партнерства во Црна Гора.
Истата вечер, во 20:30 часот, ќе биде прикажан францускиот филм „Доказ за љубов“ на Алис Дуар. Филмот ја следи приказната за Селин, која го очекува своето прво дете, додека нејзината сопруга Надија треба да ја роди нивната ќерка. Соочена со очекувањата на семејството, пријателите и законот, Селин се бори да го пронајде своето место и да ја потврди својата легитимност како родител.
Вториот ден, на 21 мај, е резервиран за „Фантази“, дебитантскиот долгометражен филм на словенечката режисерка Кукла, во копродукција меѓу Словенија и Северна Македонија. Филмот ги следи Михрије, Сина и Јасна, три најдобри пријателки во раните дваесетти години, чиј нетипичен, машкуданест начин на живот ги доведува во судир со семејството и конзервативната средина. Нивниот свет се менува кога ја запознаваат Фантази, транс жена која ги поттикнува да се соочат со сопствените желби и избори.
Кураторскиот текст на Ивана Нацева ја поставува програмата како филмски простор во кој интимното искуство не останува затворено во приватното, туку се претвора во поширок општествен коментар. Во фокусот се семејствата што се градат преку грижа, блискост, ранливост и меѓусебно препознавање, наместо само преку биолошки или однапред зададени модели.
Во двата филма важна улога има и музиката, која не функционира само како позадина, туку како емотивен и структурен елемент што го проширува филмскиот простор. Токму затоа програмата „Семејство, но поинаку“ повикува на гледање со широко отворени сетила, но и со подготвеност да се слушнат приказните што најчесто остануваат надвор од доминантните претстави за семејството.