„Сејф Сити не гради безбедност, туку страв.“ Оваа порака, која деновиве одекнува во јавноста, ја отвори една од најсериозните дебати за насоката во која се движи сообраќајната и безбедносната политика во Македонија. По стапувањето во сила на измените на Законот за безбедност во сообраќајот, со кои системот Safe City доби централна улога во контролата и санкционирањето на прекршоците, дел од граѓанските активисти, експерти и урбани иницијативи предупредуваат дека државата воведува модел на постојан технолошки надзор кој го менува односот меѓу граѓаните и јавниот простор од заедничка одговорност кон култура на страв и казна.
Реакциите доаѓаат непосредно по почетокот на примената на законските измени што овозможуваат масовна употреба на камери за автоматско детектирање прекршоци, повисоки казни и минимална можност за човечка проценка на конкретните околности. Наместо суштинска реформа на сообраќајниот систем, критичарите сметаат дека државата се определила за технолошко решение кое ги третира последиците, но не и причините за хроничниот сообраќаен хаос.
Од алатка до симбол
Системот Safe City не е нова идеја. Тој беше најавуван со години како клучна алатка за намалување на бројот на сообраќајни несреќи, особено оние со тешки последици и жртви. Камерскиот систем, кој автоматски регистрира прекршоци како пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло и непрописно движење, е воведен по пример на слични решенија во други земји. Формално, целта е зголемување на дисциплината и безбедноста во сообраќајот.
Сепак, вистинската и масовна примена започна дури со последните законски измени, кои го трансформираа Safe City од помошна алатка во централен механизам за санкционирање. Токму овој момент, според активистите, го претвори системот од техничко решение во симбол на репресивен пристап кон јавниот простор.
Реакција на „Кој е следен“
Граѓанската иницијатива „Кој е следен“ остро реагираше на имплементацијата на системот Safe City, оценувајќи дека државата повторно избира најлесен, но најрепресивен пристап кон јавните проблеми. Според нив, наместо системска превенција и подобрување на условите за безбедно движење, институциите воведуваат масовен надзор што несразмерно ги погодува граѓаните.
Од иницијативата предупредуваат дека автоматското казнување без контекст, без јасна можност за приговор и без транспарентност во обработката на податоците, создава чувство на постојана контрола и несигурност.
„Ова не е политика на грижа, туку политика на страв. Камерите не воспитуваат, тие дисциплинираат“, наведуваат од „Кој е следен“, додавајќи дека државата повторно ја префрла одговорноста врз поединецот, додека ги игнорира сопствените пропусти – лошата сообраќајна инфраструктура, недоволното осветлување, нефункционалниот јавен превоз и опасните пешачки премини. Иницијативата потсетува дека безбедноста не се гради со казни, туку со политики што ги ставаат луѓето во центарот, а не камерите. Посебно алармираат дека Safe City се воведува без широка јавна дебата и без јасни гаранции дека собраните податоци нема да се злоупотребат, што, според нив, отвора простор за проширување на надзорот и во други сегменти од јавниот живот. „
Прашањето не е дали треба ред во сообраќајот, туку дали сме подготвени да живееме во град во кој секое движење е следено и санкционирано“, порачуваат од „Кој е следен“, оценувајќи дека оваа мерка е симптом на поширок тренд на управување преку казни, наместо преку доверба, дијалог и одржливи решенија.
„Безбедност преку страв не функционира“
Активистката Марија Арсенкова предупредува дека ваквиот модел создава спротивен ефект од декларираниот.
„Safe City не гради безбедност, туку страв. Наместо култура на грижа и споделена одговорност за заедничкиот простор, добивме постојан полициски надзор и казни како единствен мотиватор. Со тоа луѓето нема да станат повнимателни, туку поцинични и пофокусирани на тоа како да се измолкнат без да бидат фатени“, вели таа.
Според Арсенкова, казнената логика го потхранува менталитетот „секој за себе“, кој е една од длабоките причини за фаталните сообраќајни несреќи. „И секако дека не функционираат: бројот на повредени пешаци не е значително намален, а причините за хаосот остануваат исти – нехумано просторно планирање, нефункционален јавен превоз и преоптоварена инфраструктура што ги тера луѓето да зависат од автомобилите“, додава таа.
Фластер врз системски проблем
Клучната критика на активистите е дека Safe City претставува технолошки „фластер“ врз длабока и отворена рана. Наместо системска трансформација на сообраќајот преку инвестиции во јавен превоз, пешачка и велосипедска инфраструктура, побезбедни улици и поинаков урбан дизајн државата се одлучила за скап систем на надзор.
Дополнителна контроверзија предизвика и фактот што технологијата е набавена од израелската компанија Elbit Systems, која е позната по развој на воена и безбедносна опрема. За дел од јавноста, ова отвори и поширока етичка дилема: каков модел на безбедност прифаќаме и по кои вредности се водиме.
„Ако ова е нашата визија за ‘безбедност’, тогаш проблемот не е само во сообраќајот, туку во вредностите што ги прифаќаме како општество, дозволувајќи им на нашите претставници да го злоупотребуваат јавниот страв за личен и политички профит“, нагласува Арсенкова.
Што велат институциите?
Институциите, пак, тврдат дека ефектите од Safe City ќе бидат видливи на подолг рок. Според нив, автоматизацијата го намалува просторот за корупција, ја зголемува еднаквоста пред законот и создава појасни правила за сите учесници во сообраќајот.
Сепак, досегашните податоци не покажуваат драматично подобрување. Бројот на сообраќајни несреќи со тешки последици не е значително намален, а пешаците и понатаму остануваат меѓу најранливите категории.
Дилеми и предизвици
Дебатата околу Safe City одамна ја надмина темата за сообраќајот. Таа се претвори во прашање за тоа какво општество градиме: општество на доверба, грижа и превенција или општество во кое стравот од казна е главниот механизам за ред.
Клучниот предизвик, според експертите, е балансирањето меѓу безбедноста и човековите права, меѓу потребата од ред и ризикот од нормализирање на постојаниот надзор. Без паралелни инвестиции во инфраструктура и промена на сообраќајната култура, Safe City ризикува да остане само скап технолошки систем што контролира однесување, но не ги менува условите што го создаваат проблемот.
Дали камерите и казните ќе донесат побезбедни улици или ќе ја продлабочат недовербата меѓу граѓаните и државата тоа е прашањето на кое одговорот допрва ќе се пишува, не само во статистиките, туку и во секојдневното искуство на јавниот простор.