Туристи со часови чекаат за иста фотографија на Санторини

Популарните места во Оја се преполни со туристи кои чекаат за совршена фотографија, додека локалците сè погласно бараат ограничувања.

Санторини повторно се соочува со последиците од масовниот туризам. Во Оја, една од најпосетуваните локации на островот, туристи со часови чекаат во редови за фотографија на местата што станаа хит на социјалните мрежи.

Снимките што ова лето се шират на интернет покажуваат долги колони во тесните улички, особено околу препознатливите цркви со сини куполи. Некои посетители велат дека гужвите стануваат толку големи што доаѓа и до расправии со луѓето кои живеат или престојуваат во близина.

Еден турист раскажал дека неколку дена бил навредуван од луѓе кои мислеле дека се обидува да се пробие преку редот, иако само сакал да стигне до својот апартман. На социјалните мрежи ваквите сцени предизвикаа прашања дали желбата за совршена фотографија ја надминала самата смисла на патувањето.

Од туристичките агенции велат дека голем број посетители пристигнуваат со однапред избрана фотографија што ја виделе на Инстаграм или ТикТок. Поради тоа, илјадници луѓе се концентрираат на истите неколку точки, иако островот има многу други места со прекрасни погледи и без долги редици.

Проблемот со масовниот туризам не е нов. Аеродромот на Санторини во 2024 година регистрирал околу 2,9 милиони патници, додека локалното население со години предупредува на сообраќајниот метеж, притисокот врз инфраструктурата и растот на трошоците за живот.

Грција воведе мерки за ограничување на бројот на туристи од крузери. За 2026 година дневниот број на патници од крузери е ограничен на 8.000, а воведена е и такса од 20 евра во главната сезона. Сепак, ограничувањето не ги опфаќа туристите кои пристигнуваат со авион или траект.

Додека властите се обидуваат да го намалат притисокот, на социјалните мрежи сè почесто се појавува истото прашање: дали вреди со часови да се чека за фотографија, наместо времето да се искористи за вистинско откривање на островот?

е-Трн да боцка во твојот инбокс