Со само четворица патници и бесплатно возење, утрово тргна првиот градски воз од Зелениково кон Скопје, во рамките на новата услуга што треба да им понуди на жителите уште една можност за секојдневно патување до главниот град. Композицијата била поставена на железничката станица во Зелениково уште 20 минути пред предвиденото поаѓање и била подготвена за првото утринско патување.
Точно според возниот ред, во 6:20 часот, возот тргнал кон Скопје без доцнење. Во вагоните, сепак, немало гужва. Само четворица патници го избрале возот за патувањето до Скопје. Композицијата се движела мирно и без застој, застанувајќи на секоја попатна железничка станица. На повеќето перони, сепак, немало патници кои чекале да се качат или да се симнат. По краткото задржување, возот продолжувал по својата траса.
И покрај малиот број патници, расположението меѓу железничкиот персонал било позитивно. Кондуктерот ги информирал патниците дека првото возење е бесплатно, согласно одлуката на директорот.
По 28 минути патување, во 6:48 часот, возот пристигнал на Железничката станица во Скопје точно според предвиденото време, без доцнење и без застој.
Првото утринско патување заврши со само четворица патници, но и со очекување дека интересот ќе расте во наредните денови. Дали железничката линија од Зелениково до Скопје ќе прерасне во вистинска алтернатива за секојдневното патување и ќе ги наполни вагоните, ќе зависи од интересот на граѓаните и од тоа колку редовно и практично ќе функционира услугата.