Сајбер-напади со помош на вештачка интелигенција: Германија на мета

Вкупно се регистрирани 334.000 напади, во просек над 900 дневно. Германија останува атрактивна мета поради својата голема економија.

Германија неделава беше мета на сајбер напади скои според експертите најчесто доаѓаат од странство. Германската Сојузна криминалистичка полиција (БКА) предупредува на сè поголеми закани за државата и економијата. Министерот за внатрешни работи Добринт најавува контрамерки.

„Нивото на закана во сајбер-просторот останува константно високо“, изјави министерот за внатрешни работи Александар Добринт.

Повод за предупредувањето е Извештајот за сајбер-криминал за 2025 година, кој во Берлин го објави БКА.

Над 900 сајбер-напади дневно

Потпретседателката на БКА, Мартина Линк, оцени дека податоците се алармантни. Финансиската штета се проценува на околу 202 милијарди евра, што е приближно 4,5% од БДП. Цел на нападите се компании, државни институции и критична инфраструктура како електрани и болници.

Вкупно се регистрирани 334.000 напади, во просек над 900 дневно. Германија останува атрактивна мета поради својата голема економија.

Напади речиси секогаш од странство

Две третини од нападите доаѓаат од странство или од неидентификувани локации. БКА истакнува дека речиси сите напади се меѓународни. Како клучен проблем се наведува брзиот развој на вештачката интелигенција.

Според Добринт, вештачката интелигенција им овозможува дури и на почетници да изведуваат сложени напади. Таа може да генерира убедливи текстови на повеќе јазици, што овозможува измамнички мејлови и лажни веб-страници.

И покрај заканите, министерот тврди дека државата има капацитет да се брани. Како пример ја наведува операцијата „Операција Endgame 2.0“, во која учествувале седум држави, меѓу кои САД, Канада, Франција и Велика Британија. Во операцијата биле издадени меѓународни потерници за околу 20 осомничени, најмногу од Русија.

Дебата за поголеми овластувања

БКА предупредува дека и покрај успесите, нема доволно овластувања за превенција – институцијата може само да истражува, но не и да спречува напади однапред. Министерот најавува законски измени кои би овозможиле „активна сајбер-одбрана“, вклучувајќи пристап до системите на напаѓачите и нивно онеспособување.

Тој исто така предлага задржување на IP-адреси и понапредна анализа на податоци.

Опозицијата предупредува дека ваквите мерки можат да доведат до масовен надзор и нарушување на дигиталните права на граѓаните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс