Нов саем на винили во Охрид: „Охрид 33/45“ го носи аналогниот звук крај езерото

Љубителите на грамофонските плочи в недела ќе уживаат во винил-диџеј сетови, промоција на новиот албум на ISIEN и богата понуда за колекционери

На 16 август, кафе-барот „Шила“ во Охрид ќе биде домаќин на првото издание на саемот на винили „Охрид 33/45“. Настанот, кој започнува во 11:00 часот, на едно место ќе ги собере љубителите на аналогниот звук, колекционерите на грамофонски плочи и локалните музички ентузијасти. Програмата вклучува локална поддршка од повеќе диџеи, ексклузивен сет на dr.ogie и слушачка промоција на новиот албум на охридскиот артист ISIEN.

Саемот „Охрид 33/45“ е замислен како простор за промоција на винил-културата, која опстојува како посебна урбана субкултура базирана врз автентичното звучно искуство. Колекционерите и сите љубители на овој формат ќе имаат можност да разгледаат и да купат плочи од богатата понуда за време на целодневната дружба што трае до 18:00 часот.

Музичката поддршка зад пултот е доловена исклучиво преку аналоген формат. За атмосферата ќе се погрижат локалните диџеи Dostin, Dj Mario и Dj Nikola, како и dr.ogie од „AAA Музика“ со својот 100% ID DJ сет.

Посебен фокус на настанот е ставен врз слушачката промоција на новиот материјал на ISIEN, локален уметник од Охрид кој го издава својот албум за финската издавачка куќа Kahvi Collective. Настанот се реализира во коорганизација со Shilla – Coffee & Bar и Lychnid Coffee Society.

е-Трн да боцка во твојот инбокс