Администрацијата на САД ја разгледува можноста за повлекување од Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР), јавува Ројтерс, повикувајќи се на осум извори, меѓу кои дипломати и извор од американскиот Конгрес. Според информациите, Вашингтон, кој традиционално е најголемиот донатор на УНХЦР, размислува не само да се повлече од агенцијата, туку и да го прекине нејзиното финансирање и да се повлече од нејзиниот Извршен комитет.
Пет извори наведуваат дека разговорите започнале по несогласувања околу именувањето заменик на високиот комесар на УНХЦР. Иако одлука се очекувала уште минатата недела, таа сè уште не е официјално објавена, што, според Ројтерс, укажува дека дипломатските напори можеби го одложиле или спречиле таквиот чекор.
Доколку САД навистина го прекинат финансирањето, тоа би претставувало сериозен удар за агенцијата, особено во време кога бројот на раселени лица во светот е близу рекордно ниво поради конфликтите во Украина, Судан и други кризни подрачја. Еден извор од хуманитарен сектор изјавил дека УНХЦР ги повикал своите партнери да ги искористат сите дипломатски канали кон американската администрација за да обезбедат продолжување на поддршката.
Од американскиот Стејт департмент соопштија дека засега нема промени во односите со УНХЦР.
„Продолжуваме да соработуваме со УНХЦР кога тоа придонесува за американските надворешнополитички интереси или за спасување човечки животи. Воедно, ќе продолжиме да ја преиспитуваме улогата на САД во меѓународните организации“, соопшти портпарол на Стејт департментот.
Од почетокот на вториот претседателски мандат на Доналд Трамп, САД го намалија финансирањето на повеќе агенции на Обединетите нации и се повлекоа од неколку меѓународни тела, меѓу кои и Светската здравствена организација.