Американската војска повторно изврши напади врз воени цели во Иран како одговор на ракетни напади врз американски бази. Во Вашингтон расте загриженоста од натамошна ескалација.

САД повторно нападнаа цели во Иран по неколкудневна пауза, расте стравот од нова ескалација

Соединетите Американски Држави повторно извршија воздушни напади врз цели во Иран, по речиси една недела пауза, соопшти Американската централна команда (ЦЕНТКОМ). Нападите следуваат како одговор на, како што наведуваат американските власти, иранските обиди за ракетирање на американски воени бази на Блискиот Исток.

Според ЦЕНТКОМ, погодени биле воени командни центри, постројки за ракети и беспилотни летала, како и објекти за крајбрежен надзор и одбрана. Од американската војска соопштија дека операцијата била успешно реализирана и имала цел да ги намали заканите за американските сили, трговската пловидба и сојузничките земји во Персискиот Залив.

Во меѓувреме, иранските државни медиуми, повикувајќи се на Исламската револуционерна гарда, објавија дека нападот бил насочен кон американска воена база во Јордан. Од ЦЕНТКОМ тврдат дека сите ирански ракети биле успешно пресретнати.

Нападите доаѓаат по неколкудневен прекин на американските воени операции, за кој американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека требало да создаде простор за продолжување на дипломатските преговори. Сепак, американските медиуми јавуваат дека во администрацијата расте загриженоста поради можноста конфликтот дополнително да ескалира. Според „Њујорк тајмс“, меѓу главните причини се намалувањето на резервите на противвоздушна муниција, особено ракетите за системите „Патриот“.

Претходно оваа недела, американските и саудиските сили извршија заеднички напади врз позиции на проирански милиции во Ирак. Според американските власти, цел биле логистички центри и складишта за оружје на групи кои, како што тврдат, по наредба на Исламската револуционерна гарда извеле повеќе од 30 напади со беспилотни летала врз американски и саудиски цели во последните денови.

Во средата беше пријавен и напад со дрон врз американски танкер во египетското пристаниште Дамиета, што дополнително ги засили стравувањата од ширење на кризата во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс