Американското Министерство за правда поднесе обвинение против тројца руски државјани, кои според обвинителите стојат зад една од најголемите мрежи за сајбер криминал што им овозможувала на хакери да извршуваат напади врз болници, банки, училишта и други институции низ САД. Според властите, причинетата штета изнесува најмалку 62 милиони долари.
Обвинети се Александар Волосовик, Кирил Затолокин и Јулија Панкова, кои се товарат за здружување за компјутерска измама и перење пари.
„Непробоен хостинг“ за хакери
Според американските обвинители, Волосовик и Затолокин од Санкт Петербург управувале со таканаречен „bulletproof hosting“ сервис – инфраструктура што им овозможувала на сајбер-криминалците безбедно да ги хостираат своите сервери и да избегнат откривање од безбедносните служби. Во обвинението се наведува дека руската компанија Media Land, основана во 2015 година, обезбедувала техничка поддршка за бројни криминални групи кои стојат зад рансомвер напади и други видови сајбер криминал.
Награда од 10 милиони долари
Американскиот Стејт департмент понуди награда до 10 милиони долари за информации што би помогнале во идентификацијата или апсењето на лицата поврзани со Media Land, додека истрагата продолжува. Американските и европските безбедносни служби со години ги следеле активностите на обвинетите, а минатата година тие беа ставени и на листата со американски санкции.
Помошникот директор на одделот за сајбер криминал во ФБИ, Брет Ледерман, изјави дека ваквите компании претставуваат клучна инфраструктура за функционирањето на криминалните хакерски групи.
Според него, американските власти сега внимателно следат дали криминалците ќе се обидат да ги префрлат своите активности на други слични сервиси.
Засилена борба против руските хакери
Обвинението е дел од пошироката акција на западните безбедносни служби против руските сајбер мрежи.
Во последните денови Велика Британија и Европската Унија ја обвинија руската разузнавачка служба ФСБ за обид за сајбер напад врз полската електроенергетска мрежа, додека холандската разузнавачка служба предупреди дека руски државно поддржани хакери систематски пробивале во безбедносни камери низ Европа за да ги следат транспортните рути на воената помош за Украина.
Американските власти предупредуваат дека во последната година е забележан значителен раст на руските сајбер напади насочени кон САД, а борбата против рансомвер групите останува еден од најголемите безбедносни приоритети.