САД извршија нови напади врз Иран, Трамп се закани со удари врз инфраструктурата

Американската војска ја продолжи кампањата против ирански цели дванаесетта ноќ по ред, додека Техеран предупредува дека секој напад врз цивилната инфраструктура ќе биде проследен со „масовна одмазда“.

Американската војска изврши нови воздушни напади врз цели во Иран, што е дванаесетта последователна ноќ на воени операции против Исламската Република, соопшти регионалната команда на американската армија ЦЕНТКОМ. Според американските власти, цел на нападите била воена инфраструктура со цел, како што наведоа, „дополнително да се ослаби способноста на Иран да им се заканува на цивилните морнари и трговските бродови во водите на регионот“.

Иранските државни медиуми објавија дека американски ракети погодиле цели во близина на градовите Ахваз, Рамхормоз и Андимешк во западниот дел на земјата. Во одделен напад врз градот Шаламче, на границата со Ирак, загинале две лица. Во исто време, по првпат од последната ескалација на конфликтот, во главниот град Техеран повторно бил активиран системот за воздушна тревога.

Трамп со нови закани

Американскиот претседател Доналд Трамп дополнително ги засили заканите кон Иран, предупредувајќи дека САД би можеле да возвратат со напади врз клучна инфраструктура. На својата социјална мрежа „Truth Social“, Трамп порача дека Вашингтон ќе „бомбардира и уништува“ мостови и електрани во Иран доколку Техеран повторно отвори оган врз бродови во Ормускиот Теснец.

Според неговите изјави, потенцијални цели би можеле да бидат инфраструктурни објекти во Техеран и неговата поширока околина.

Техеран најави одмазда

Иранското раководство одговори со сопствени предупредувања. Министерот за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека секој напад врз иранската инфраструктура ќе предизвика силен одговор. „Нашата одбранбена политика е јасна: око за око“, напиша Арагчи на платформата „X“.

Новата ескалација дополнително ги зголемува стравувањата од поширок регионален конфликт, особено поради напнатоста околу Ормускиот Теснец, една од најважните светски рути за транспорт на енергенси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс