САД и Иран постигнаа договор: Конечната одлука ќе ја донесат Трамп и иранскиот врховен лидер

САД и Иран постигнаа договор во принцип за отворање на Ормускиот теснец и намалување на тензиите на Блискиот Исток.

Соединетите Американски Држави и Иран постигнале договор во принцип за ставање крај на конфликтот на Блискиот Исток и повторно отворање на Ормускиот теснец, соопштил висок американски функционер, пренесува The New York Times.

Договорот сè уште не е потпишан, а најчувствителните прашања, вклучително и судбината на високо збогатениот ураниум, остануваат отворени за натамошни преговори.

Според американскиот функционер, Иран се обврзал да се откаже од резервите на високо збогатен ураниум, но механизмот за тоа сè уште не е договорен. Доналд Tрамп претходно инсистираше САД да го преземат тој материјал. Договорот предвидува и укинување на американската блокада на иранските пристаништа во замена за отворање на Ормускиот теснец, клучна поморска рута за светската трговија со нафта и гас.

Трамп на социјалните мрежи објави дека им наредил на преговарачите да не брзаат со договорот, иако претходниот ден соопшти дека прелиминарниот договор е „главно усогласен“. Конечната одлука треба да ја донесат Трамп и иранскиот врховен лидер.

Американскиот државен секретар Mарко Рубио изјави дека нуклеарните преговори би можеле да започнат доколку Иран веднаш го отвори теснецот, нагласувајќи дека Вашингтон останува на ставот дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје. Рубио најави и можност за обновување на заканите со напади доколку преговорите не дадат резултат во рок од 60 дена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс