САД и Иран испраќаат сигнали дека се блиску до мировен договор, но клучните детали од рамковниот договор сѐ уште се усогласуваат. Според висок претставник на американската администрација, за CNN, можно е да поминат уште неколку дена пред меморандумот за разбирање да биде финализиран, главно поради сложената процедура за одобрување на формулациите од иранска страна.
Иако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот е блиску, американската поморска блокада на иранските пристаништа ќе остане во сила за време на преговорите.
Трамп порача дека САД ќе ја задржат блокадата на иранските бродови во Хормушкиот Теснец сѐ додека договорот не биде официјално потпишан. Во меѓувреме, високи претставници на администрацијата наведуваат дека преговарачите би имале рок од 60 дена за постигнување конечен договор.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, за време на посетата на Индија, изјави дека на маса има „сериозен предлог“ поврзан со Иран и Хормушкиот Теснец, додавајќи дека разговорите сѐ уште траат.
Во меѓувреме, цените на нафтата на светските пазари вчера значително паднаа поради сигналите дека Вашингтон и Техеран би можеле да постигнат договор за повторно отворање на Хормушкиот Теснец. Цената на нафтата „брент“ падна за речиси 1,5 проценти, на околу 99 долари за барел, додека американската сурова нафта поевтини за речиси 5 проценти, на околу 92 долари за барел.
Хормушкиот Теснец е еден од најважните светски енергетски правци, преку кој поминува околу 20 проценти од глобалната трговија со нафта. Поморскиот сообраќај таму е речиси целосно нарушен од почетокот на војната на 28 февруари.
Падот на цените на нафтата доаѓа во време кога цените на горивата во САД достигнаа рекордни нивоа. Според податоците на Американскиот автомобилски клуб (AAA), викендот по повод Денот на сеќавањето бил најскапиот за американските возачи во последните четири години. Просечната цена на галон гориво во неделата изнесувала 4,51 долари, што е околу 51 процент повеќе отколку на почетокот на војната.