Нова ескалација на Блискиот Исток ја зголеми загриженоста за поширок регионален конфликт, откако САД извршија напади врз цели во јужен Иран, а Техеран возврати со ракетни и дронски напади кон американски воени позиции во регионот.
Според иранските државни медиуми, силни експлозии биле регистрирани на островот Кешм, во Бандар Абас и во округот Џаск, три стратешки локации долж Ормускиот теснец, еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на нафта и гас.
Иран тврди дека во американскиот напад врз градот Сирик биле уништени две постројки за десалинизација и главниот резервоар за вода, што предизвикало сериозни проблеми во снабдувањето со вода за населението. Засега нема независна потврда за овие тврдења, а американската страна не се огласи за наводната штета.
Како одговор, Иранската револуционерна гарда соопшти дека биле нападнати американски воени бази во Јордан, Кувајт и Бахреин. Иранските медиуми објавија снимки за кои тврдат дека прикажуваат лансирање ракети и беспилотни летала кон американски цели.
Американски функционери, пак, за Ројтерс изјавиле дека речиси сите проектили и дронови биле успешно пресретнати од противвоздушната одбрана и дека нема извештаи за поголема штета или жртви.
Во меѓувреме, Техеран најави дека повторно ќе ја разгледа можноста за продолжување на преговорите со Вашингтон. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, ги обвини САД и Израел за кршење на прекинот на огнот и порача дека дипломатијата тешко може да напредува во услови на воена ескалација.
Новиот бран напади предизвика реакции и кај арапските држави. Египет остро ги осуди иранските напади врз Јордан, Бахреин и Кувајт, оценувајќи ги како опасна ескалација и нарушување на суверенитетот на државите во регионот. Слична осуда пристигна и од Обединетите Арапски Емирати.
Дополнително, безбедносната состојба во регионот се усложни откако вооружени лица отворија оган врз товарен брод во Аденскиот Залив, во близина на теснецот Баб-ел-Мандеб, уште една стратешка поморска рута за светската трговија.
Најновите случувања дополнително ги зголемуваат стравувањата од поширок конфликт што би можел да влијае врз глобалната безбедност, енергетските пазари и меѓународната трговија.